АВРАМОВСКА МАДИЌ : ДЕЛ ОД НАШЕТО ЧЛЕНСТВО СЕ ОДЛЕА ВО НОВОФОРМИРАНА ПАРТИЈА, ИМАМЕ ЧЛЕНОВИ КОИ СЕ РАЗОЧАРАНИ

0
470

„Вкупно 22.735 активни членови на СДСМ се регистрирале за да гласаат на внатрепартиските избори за нов лидер на партијата“.
Ова денеска го истакна претседателката на ЦИК за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ.

По „чешлањето“ на списоците од страна на општинските организации на СДСМ, таа очекува да се задржи истата бројка.

-Немаме потреба да се вратиме на бирање на претседателот по стариот статут бидејќи членовите веќе еднаш одлучиле да вршат избор. Бројот на активно регистрирани или тие кои што покажале интерес за гласање, во моментов е помал бидејќи, не мораме да се лажеме, дел од нашето членство се одлеа во новоформирана партија и имаме членови кои биле разочарани. Сепак, тоа не значи дека тие нема да се вратат. Ќе дојде период кога ќе сфатат дека вистинските политики и демократијата ќе продолжат да се негуваат и ќе можат да останат дел од СДСМ – кажа Аврамовска Мадиќ во емисија на „Слободен печат“.

За споредба, бројката од речиси 23.000 членови е за трипати помала од првите непосредни внатрепартиски избори во 2021 година.
Во трката за нов лидер на партијата се четворица кандидати, Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски.
СДСМ ќе добие нов лидер на 30-ти јуни.