Четири години од смртта на претседателот Киро Глигоров

0
1860

Денеска навршуваат четири години од смртта на Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија.

Глигоров беше претседател на Македонија во мандатот од 27 јануари 1991 година до 19 ноември 1999 година.
Роден е на 3 мај 1917 година, во Штип, а почина на 1 јануари 2012 на возраст од 94 години.

Во почетокот на мај 1944 година станал член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и учествувал во подготовката на политичкиот реферат. На Првото заседание на АСНОМ, Глигоров бил секретар на Президиумот и заедно со Малинска го водел записникот на седниците. На Заседанието бил избран за член на АВНОЈ и потоа бил испратен на Вис како претставник на Македонија во АВНОЈ. По ослободувањето на Белград се вратил од Вис и малку подоцна учествувал во работата на Второто заседание на АСНОМ, кога била избран за член на Президиумот, а потоа и за негов секретар за финансии. Заедно со група македонски интелектуалци бил обвинет како автономист и сепаратист, по што бил испратен во Белград, во март 1945 година.

По завидната кариера во Белград, се пензионирал во 1987 година, меѓутоа бил ангажиран во тимот за реферми на претседателот на СИС Анте Марковиќ.

Во февруари 1990 година се вклучил во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров бил избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година. На 7 март му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада. Глигоров по одржувањето на референдумот за осамостојување на Македонија на 8 септември 1991 година, на плоштадот „Македонија“ ги поздравил граѓаните со зборовите „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.

При приемот на Република Македонија во членство во Обединетите Нации, под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, го одржал првиот говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации на 7 април 1993 година. На општите претседателски избори со мнозинство гласови повторно бил избран за претседател на Републиката, 16 октомври 1994 година.

На 13 септември 1995 година во седиштето на Обединетите Нации била потпишана Привремената спогодба за нормализација на односите со Грција. На 2 октомври, во Белград го потпишал договоор за признавање со Сојузна Република Југославија, а следниот ден, на 3 октомври 1995 година, врз Глигоров бил извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се вратил на својата претседателска должност.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот. Глигоров починал во длабока старост, 94 години, на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.