Ховит: Не може да има кредибилни избори во ситуација на длабока медиумска пристрасност

0
387

Тука сме, гледаме, слушаме сè, па и за притисоци. Не е точно дека нема веќе да даваме оценки дали има услови за фер избори или не, како што смета Груевски. Кај медиумите доживеавме уште еден голем неуспех, но мора брзо да се преговара -се само дел од изјавите на европратеникот Ричард Ховит  за Слободен печат.

Подолу еден мал дел од разговорот:

Сепак, во изјавата на поранешниот премиер Никола Груевски, дадена веднаш по седницата на Собранието, тој рече јасно дека дел од Договорот било да нема поместување на датумот и да нема натамошно оценување дали има или нема услови за избори. Дали тука постои некакво недоразбирање?

– Дали е недоразбирање или не, се разбира јас не можам да кажам, затоа што тоа е во неговиот ум, но ја слушнав таа изјава, а тоа го рече и во разговорите со мене. Им го предочив тој момент и на другите посредници, како и на амбасадорите на ЕУ и на САД, за тоа кој е исходот од вчерашните преговори и тука ми е ставено јасно до знаење дека не постои никаков договор за тоа дали да се прават или да не се прават натамошни процени за подготвеноста за избори. Така што, ако постоело такво недоразбирање, еве сега нека биде расчистено.

Во својата изјава Груевски исто така ја нарече „политичка“ оцената на амбасадорите на ЕУ и на НАТО дека во моментов не се исполнети условите за фер и кредибилни избори. Кој е Вашиот коментар на ваквите квалификации?

– Амбасадорот Бејли и амбасадорот Орав се искусни дипломати и изјавите што тие ги даваат, се од една страна донесени во консултации со Европската комисија, а од друга страна во консултации со Стејт департмент. Секој во оваа држава може да слушне што мисли Европската комисија или Стејт департментот, се разбира, може да не се согласи со тоа, и се разбира може да се обиде да го отфрли од политички причини. Сепак, верувам дека изјавите на двајца високи дипломати, кои зборуваат од името на своите влади, не може да бидат дисквалификувани врз основа на тврдење дека тие се политички пристрасни и верувам дека секој што ќе одбере да го тврди тоа, самиот ја губи својата кредибилност.
Важно прашање во преговорите се реформите во медиумите. Досега имаше на маса предлог од посредникот Питер Ванхауте, кој не е прифатен од владејачката партија. Според некои информации, на вчерашните разговори бил постигнат договор, овој предлог сепак да биде прифатен од страна на ВМРО-ДПМНЕ во натамошниот процес. Дали е тоа точно? И дали овој план може да обезбеди избалансираност на медиумите во предизборниот период?

– Во целото наше посредништво вчера токму тоа прашање беше голема точка на сопнување и ние направивме големи напори да го премостиме тој јаз, кој постои меѓу партиите, но со жалење мора да констатирам дека во тој поглед не успеавме. Ги потсетив дека Договорот од Пржино предвидуваше дека политичките партии ќе постигнат договор за реформа во медиумите и дека ќе го спроведат договореното до минатиот август! А во писмото од 20 јануари на двајцата амбасадори беше повторено дека реформата на медиумите треба да биде договорена до 19 февруари, еден ден пред денот предвиден за процена на условите за избори. Нема никакво сомнение дека заедничката оцена дека нема услови за фер избори, делумно почива на неуспехот да се испочитува Договорот од Пржино во поглед на реформата во медиумите. А вчера имаше уште еден неуспех, зашто не беше постигнат договор за што било помеѓу Владата и опозицијата. Постоеше договорено прашање на прес-конференцијата за статусот на реформите во медиумите и заеднички одговор меѓу ЕУ и САД дека медиумските реформи се важен дел од изборниот процес. Некои членови од работната група на владејачката партија изразија подготвеност да ги продолжат овие разговори, но партискиот лидер одбива. Го повикувам да ги продолжи овие преговори зашто не може да имаме кредибилни избори во ситуација на длабока медиумска пристрасност. Дали тоа ќе се случи, е сè уште големо прашање во овој момент.

Интервјуто во целост прочитајте гоОВДЕ