Универзитетот „Мајка Тереза“ прераснува во ДУВЛО на ДУИ: Азиз Положани ќе биде Ректор

0
430

Уште пред да се формираат матичните комисии на новиот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, Алсат-М дознава дека е веќе одлучено кој ќе биде на негово чело. Неофицијално ректор ќе биде Азис Положани, поранешен пратеник од редовите на ДУИ, поранешен министер за образование и наука, како и поранешен амбасадор на Македонија во Женева.

Ова е спротивно на она што претходно го изјавија високи претставници на ДУИ и поранешниот премиер Груевски, дека ректорот на новиот универзитет ќе биде од странство. Една недела претходно и самиот претседател на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Патот кон…“ јавно гарантираше дека на новиот универзитет нема да има ниту еден функционер или поранешен функционер на ДУИ.

„Сигурно дека ова е гарантирано… Јас не само што ве уверувам, можете и да разговарате, можете да ангажирате луѓе. Јас никогаш не сум бил и никогаш нема да бидам вмешан во образовните политики на универзитетите, ни на Тетовскиот, ниту на универзитетот кој ќе се основа“, говореше Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Експертот за образование, Џељадин Мурати, вели дека образованието во земјава е крајно политизирано и оти е тешко некој да продре до неговите структури без да поседува партиска книшка.

„… Актуелната политика се стреми кон целосна партизација на сите сегменти од образованието, училиштата, универзитетите и актуелната политика повеќе се интересира за тоа кој ќе биде избран за директор, како да се бира декан, кој да биде избран за ректор, кој за професор, а многу малку за квалитетот на кој се повикуваме сите. Бидејќи квалитетот е првичниот елемент кој разликува една институција од друга… Треба да се создаде простор, политиката треба да се оддалечи од образованието за тоа слободно да може да земе здив врз основа на научните и педагошките критериуми и на она кое го нарекуваме напредок или квалитет во образованието“, рече Џељадин Мурати, експерт по образование.

Инаку, Положани во 2012 година беше споменуван како можен кандидат за ректор на Тетовскиот универзитет, но тоа не се случи бидејќи не беше редовен професор и не ги исполнуваше критериумите.