ТХП: Дали понижувачкиот пристап кон спомениците од Османлискиот период е одмазда на Груевски кон турската заедница?

0
622

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ вчера уште еднаш го покажа своето деструктивно лице, објавувајќи дека еден од најрепрезентативните објекти на битолскиот Широк Сокак, Офицерскиот Дом, се продава со почетна цена од 900.000 евра. Да потсетиме дека станува збор за објект изграден во почетокот на 20 век под иницијатива и финансиска поддршка на последниот битолски Валија Јусуф Бег и истиот објект важи за споменик на културата и е заштитен со закон.

Со ваков засрамувачки потег, власта уште еднаш потврдува дека нема никаков респект кон културно-историските вредности, посебно кога станува збор за културнo – историски споменици од Османлискиот период кои се од посебно значење за турската заедница во Македонија.

Власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе години потроши повеќе од 600 милиони евра за еден вештачки, кичест, несвојствен проект наречен Скопје 2014. Кога веќе ваквите огромни суми се трошат за гипс картони, шмизли, галии и врби; дали не е срамно да нема средства и стратегија за реставрација и заштита на вистинските културни вредности, туку тие се заборавени, оставени да се руинираат, па веќе како и во случајов извадени на продажба.

Дали овој понижувачки и игнорантски пристап кон историско-културните споменици од Османлискиот период е дел од одмаздата на Груевски кон турската заедница во Македонија“, се вели во соопштението на Партија за Движење на Турците во Македонија – ТХП.