Спасовски: Граничната полиција ја чека макотрпна работа и во наредниот период

0
488

Граничната безбедност и надзорот над државната граница е еден од клучните сегменти во работата на Министерството за внатрешни работи. Одделот за гранични работи при МВР, во текот на годината што е зад нас имаше прилично обемни активности пред се причинети од огромниот наплив мигранти од земјите на Блискиот и Среден Исток и северна Африка, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната средба со полициските службеници од полициската станица за граничниот реон Деве Баир.

Како што соопшти МВР, презентирајќи дел од статистичките показатели за активностите на Одделот за гранична полиција во перидот од 1 јануари до 1 октомври 2015 година, Спасовски нагласи дека ваквиот зголемен обем на работа бара засилен ангажман на граничната полиција, континуирани мерки и активности не само во поглед на следење на состојбите, туку и за спречување на сите облици прекуграничен и друг вид криминал.

– Трендовите и согледувањата покажуваат дека и во наредниот период граничната полиција ја чекаат сериозни предизвици, одговорна и макотрпна работа. Убеден сум дека полициските службеници од Одделот  за гранични работи соодветно и ефикасно ќе се справат со сите идни предизвици и дека државната граница е во сигурни раце, потенцираше Спасовски.

Инаку, министерот Спасовски информираше дека од безбедносен аспект новогодишната ноќ минала без никакви проблеми. Во Скопје на четири локации на кои беа одржани манифестации по повод дочекот на Новата година и на кои што сумарно, според проценките присуствувале околу десет илјади лица, прославата минала без нарушувања на јавниот ред и мир.

Приведено било едно лице за сторен прекршок по член 6 од ЗПЈРМ, од Сквер кај Хотел Јадран, за што е изготвен записник за констатиран прекршок и е извршено алкотестирање, додека на други две лица им е укажана помош со повикување екипа од итна медицинска помош и пружање соодветен медицински третман поради висок степен на алкохолизираност.