Синдикатот на македонските дипломати до министерот Попоски: Реагирајте, скандалот во Виена е еден од многуте во текот на вашето министерување

0
468

Синдикатот на македонската дипломатска служба денеска се обрати до министерот за надворешни работи, Никола Поповски, со врска со скандалот на традиционалниот новогодишен концерт во Виена. Писмото Ви го пренесуваме интегрално:

Синдикатот на македонската дипломатска служба ја користи приликата да Ви се обрати во врска со известувањето кое до МНР го достави Амбасадата на Република Македонија во Виена.

Имено во дописот на Амбасадата (бр. 14-01-01-1, од 02.01.2016 г.), амбасадорот Попоска – Треневска известува за “непријатностите” кои ги доживеала за време на традиционалниот новогодишен концерт во Виена, каде, иако уредно поканета, првично не и’ било дозволено да присуствува бидејќи нејзиното место било заземено од постојаниот претставник на Република Македонија при ОБСЕ, амбасадорот Кире Илиоски, кој според нејзино кажување „… непоканет дошол и лажно се претставил како амбасадор на РМ во Р. Австрија…“.

Со оглед на фактот што ова е уште еден од низата случаи со кој се има нанесено штета на угледот на Република Македонија, а кои се случиле токму за времето на Вашето министерување, и иако се работи за интерна комуникација (Амбасада – МНР) истата стигна дури и до социјалните мрежи, СМДС бара или, ако тоа веќе не е сторено, неодложно да се утврдат фактите во конкретниот случај или, ако се имаат сознанија, истите да ги споделите со Синдикатот.

Извесно е дека во дел субјективното известување има непрецизности (Илиоски е македонски амбасадор во Австрија – но, мултилатерален) се индицира ситуација кога нетрепение на релација билатерален – мултилатерален амбасадор се одразило како бламажа на Македонија (посебно доколку Илиоски се „…претставил како Амбасадор на Азербејџан…“ (дали тоа Илиоски се ‘повлекол’ од тврдењето дека е македонски амбасадор?!!).

Оттука, мошне важно е како Илиоски ја опишува истата таа ситуација, но и како се изјаснува во однос на тврдењето на билатералниот амбасадор дека вакви случки имало во „…повеќе наврати…“.

Имајќи предвид дека ‘силата и правичноста’ при примената на најновите форми и варијанти на ЗНР беше демонстрирана врз дипломати на работно ниво, кога без никакви двоумења се наложуваше да бидат казнувани со највисоки казни, во одредени случаи и драконски кога наши колеги беа бркани од работа, извесно е дека овој случај дотолку повеќе заслужува да биде целосно истражен и расветлен. Притоа, во зависност од утврденото, очекуваме:

  1. Доколку се утврди дека надлежностите ги има пречекорено амбасадорот Илиоски, истиот итно да се повика на консултации, па и да се предложи негово отповикување и одземање на звањето амбасадор. Притоа, треба да се има предвид дека именуваниот е на службување во странство повеќе од 15 години последователно и со дури 3 мандати амбасадор, што значи дека токму тој треба да биде меѓу првите што служат како пример за угледот и достоинството не само на нашата држава, туку и на нашата професија воопшто;
  2. Доколку пак се утврди дека случајов ќе поминел незабележано од дипломатскиот кор, а со минимална отстапка од страна на организаторот, под услов амбасадорката Попоска Треневска да се раководела од принципот на колегијална солидарност, или дури и веднаш да го напуштела настанот со цел да не се брука името на Република Македонија, истата да се повика на консултации и да и’ се наложи да ги посетува предавањата на Дипломатската академија, каде истите ги слушаат дури и колеги од МНР со стаж од 15 па и 20 години; и
  3. Доколку се утврди поделена одговорност, обата амбасадори да бидат повикани на консултации и сразмерно да им се одмери казната. Бараме да бидеме во тек со целокупната постапка.