Сега јасно ли е?

0
577

1.

Почна, нели?! Да се разјаснува кој е кој односно кој е што и кој што правел. И тоа со првиот снег. Весна „Бејби“ Пишмановска, шти би рекол Рамадан Рамадани. Мислат дека снегот ќе им ги покрие гадостите, или пак луѓето од студовиве и борбата за преживување бргу ќе заборават? Па нема баш така да биде.

Но, во секој поглед, одвратно е. И за неа и за нив. Без срам. И едната и другите. А што сѐ ломотеа безмалу до вчера. А неа као не ѝ беше јасно, а на нејзините текстописатели пак сѐ им беше јасно. Ама денес улогите се сменија – сега нам ни се разјаснува кој каква гнида бил, а за што се претставува(л).

„Не беше моја авторска емисија, туку платена политичка програма, добивав текст кој што јас само го говорев. Го прифатив како задача, од почеток до крај. Доаѓав, го читав текстот и си одев. Имаше моменти каде што навистина не се сложував со нешто и се борев, имаше текст за некого да навредите, само колку да навредите. Во суштина тоа што беше нешто што не би го направила никогаш повторно. Секој има право на грешки во кариерата, и јас навистина го сметам тоа за моја грешка“ – вели таа. Којзнае што ќе кажат тие. Поточно, тие секогаш молчат кога се фатени во злоделото. И смислуваат нови и нови финти, спинови, лажги каде и како побргу да го свртат муабетот. „Архитектот“ сигурно веќе го свикал кризниот штаб и ги камшикува поданиците мотивирајќи ги да бидат поинвентивни во подготовката на новата шема. Да смислат некои нови странски служби, крпачи или лепачи, или да пронајдат некоја будала која сето тоа ќе ѝ го лепне на опозицијата: тие самите си пишувале за себеси и ги давале текстовите на глупицана да ги чита, таа всушност цело време била нивна, нешто како двојна Мата Бејби!

2.

Не знам може ли човек пониско да падне. Особено некој кој, наводно, се бави со актерство, што ќе рече со нешто блиску до уметноста. Веројатно може, а тоа ќе го гледаме и понатаму, безмалу во продолженија. Којзнае што сѐ имаат да кажат некои нејзини колеги, па некои режисери, па пејачи, па ликовни уметници… Се плашам дека македонската култура бргу ќе почне да наликува на некое локално Ватерло, илити некоја слична балканска кланица – а сме ги имале богами доволно – само овој пат во културата и уметноста. Кога монструзноста на една полуписмена клика можела да оди до таму да смислува цели серии емисии, со готови партиски текстови, и да најде такви гниди што (би) ги „глумеле“ … Сакам да кажам: кога сето тоа овие полуписмениве можеле да го смислат во културата, којзнае што сѐ смислувале во некои посериозни области?

Го прифатила тоа „како задача“! Каква, уметничка? Или одвратна партиско политичка наредба? И од кого, од кој „режисер“? И зошто, за која / колкава цена? И толку ли била сиромашна па морала да се спушти на тоа рамниште, со такви бедници? Та тоа ли е таа актуелна, и фамозна, нова македонска култура, тоа ли е тој нов македонски „вредносен систем“ на којшто се повикуваше оној сегашен consigliere а иден амбасадор? Систем што игра под диригентската, или режисерската, палка на политиката? Па барем да е некоја политика! А ако го вратите филмот само неколку месеци назад, во контекстот на еден перформанс наречен „Протест“ што се случи во нашиот „омилен“ Театар на спрдачината? Е по тој повод еден наш литерарен „џин“ со џуџест светоглед и особена љубов за театарот (ама овој нашиов, клиентелистичкиов) го нарече тој чин „… класично силување на уметноста со фалусот на политиката …“! Па тогаш, што ли е ова, какво ли е ова силување и ќе проговори ли џуџево и за овој сегмент на македонскиот театар?

Или, ако сакате, а во контекстот и на неодамнешната награда на т.н. МНТ, тоа ли е тој фамозен македонски театар што сега го одликуваше оној Хорхе? Тоа ли се неговите актуелни заслуги за оваа држава? Да настапува според партиско политички директиви на едикоиси бараби?

3.

Но, се разбира, нивниот одговор ќе биде дека „секој има право на грешка во кариерата“. Која црна грешка, во која уште поцрна кариера? Па во нормални држави, и нормални култури, ваквите партиски гниди ги множат со нула. Повеќе – не постојат, и во иднината, ама и во минатото, им ги бришат имињата од сите театарски записи како што древните Египќани ги „бришеле“ имињата на некои фараони од ѕидовите на храмовите. А оваа говори – за грешка и за кариера. Та таа / тоа ли е денес синоним за кариера? И тоа театарска? Како што оној consigliere би бил синоним за „советник“, оној Никовски за „амбасадор“, Сарајлија за „уметник“ …? Сѐ кариера до кариера. Како ли овие ќе се вадат утре за сите нивни гнасни дневнополитички ангажмани?

И да нема недоразбирања: не верувам дека некој нормален очекувал такви и слични креатури да се најдат на страната на вистината (иако многумина ќе речат дека нема една вистина), на правдата (иако, повторно, многумина ќе ламентираат дека правдата е дискутабилна) и слични доблесни нешта. Не, зашто тие само би ги загадиле со нивното присуство. А и не им се својствени. Меѓутоа, подеднакво не верувам дека некој „нормален“ – што ќе рече неупатен, набљудувач „од страна“ – можел да претпостави дека може да се падне толку ниско. Има(ло) назнаки, има(ло) дошепнувања, како впрочем што имаше редица посредни (но и непосредни) индиции за сите оние гнасотилаци што ги слушавме низ „ВСистината за Македонија“. Ама – до толку? Не знам, но мислам дека и поупатените се згрозени, ама и затечени, најблаго речено.

Се разбира, секое зло за добро. Зашто, завесите конечно паѓаат и нашите шутови се голи. Можеби сега на сите ќе им биде (по)јасно за каква култура, за каква уметност, за каква политика станувало збор цели десет години, во континуитет. И затоа, кога новиот претседател на МАНУ става наводници кај зборот нормална влада – греши. Зашто нам навистина ни треба НОРМАЛНА влада, а не „нормална“. Како што ни треба и нормална култура, и нормална уметност, и нормално образование. И нормална МАНУ, се разбира!

Пишува : Златко Теодосиевски – историчар на уметноста и кустос

(Преземено од Теодосиевски уметност)