СДСМ: Рацете на Груевски и на кумот Ставрески се во касите на фирмите

0
441

Малку им беше на Груевски и Ставрески што фирмите мораа главно на свој трошок да набават ГПРС каси што чинеа до 500 евра, малку им беше и што им воведоа задолжителна резервна ГПРС каса или дополнителен трошок до 500 евра, па измислија и давачка од 60 евра годишно што мора да ја плаќа секоја фирма за воспоставување врска меѓу фискалниот апарат и УЈП, реагираат од СДСМ.

„Последно го отфрлија предлогот на опозицијата за укинување на овој наметнат трошок за веќе исцедените фирми. Оваа нова давачка за фирмите од 60 евра ја нема во законот. Но редовна пракса на ВМРО-ДПМНЕ е да ги крши законите, а посебно кога се работи за трошења на пари од граѓаните и фирмите. Со измислените нови 60 евра за фирмите од домашните фирми ќе се испумпаат околу 12 милиона евра“, се наведува во соопштението.

Ете овие undoing business услови на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ затворија над 10.000 фирми, а секоја трета фирма е со блокирана сметка. Затоа домашните бизниси се селат од Македонија, според последните податоци интензивно кон соседна Србија, велат од најголемата опозициска партија.

„Грижата на Груевски и ВМРО ДПМНЕ за домашните мали и средни претпријатија е мизерни 123 денари државна помош по фирма, годишно! Јасно е, се е виртуелно кај Груевски и неговиот кум Ставрески, па и грижата за домашните фирми!  Реална е нивната алчност. Затоа рацете на Груевски и кумот Ставрески се во касите на фирмите и во џеповите на граѓаните. Груевски и Ставрески ги сотреа фирмите и граѓаните“, соопшти СДСМ.

Партијата ветува дека ќе обезбеди од 20 до 50 милиони евра државна поддршка на домашните претпријатија, стабилна економија и сигурност на граѓаните и фирмите.