Режимската пудлица, ректорот на УКИМ за ДВ: Полицијата во универзитетскиот кампус ја повикав јас!

0
1320

Ви пренесуваме дел од интервјуто на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Велимир Стојковски, за Дојче веле:

Полициски возила не се вклопуваат во сликата и суштината на автономијата што треба да ја рефлектира и живее еден Универзитет. Кој ја повика специјалната полиција на 14.12 во кампусот на УКИМ и зошто?

За жал, уште една груба манипулација со фактите. Но, еве повторно ќе објаснам. Полицијата ја повикав јас, и немам никаква причина тоа да го негирам, затоа што присуството на полицијата во кампусот нема никаква врска со градбата. Се работи за следното: Кампусот на Битпазар има вкупно 5 влезови/излези, што е исклучително тешко за обезбедување, особено по судската одлука од 2006 година за право на премин на населението од населбата низ кампусот, при што не може да се направи апсолутно никаква контрола на тоа кој влегува или излегува, затоа што тоа во практика е отворен премин за сите. Безбедноста е на загрижувачко ниво. Од уништување на имотот на Универзитетот, до пукање во згради (Правниот факултет) и поставување две бомби во 2014 година (едната експлодирана, за среќа без последици, а другата навремено отстранета од специјалните служби на министерството). За сето ова повеќе пати ја информирав Ректорската управа и Сенатот. Со моја наредба пред неколку години беа затворени вратата на северната страна и едната врата на западната страна, додека втората врата на западната страна е отворена и надвор од работното време, заради споменатата судската одлука. На 27 ноември 2015 година до мене писмено се обрати деканот на Филолошкиот факултет, врз основа на барање од студентите на Факултетот, кои заради одредени случувања во кампусот изразуваат загриженост за нивната безбедност. Истовремено, од деканот од Правниот факултет добив писмено барање, со кое се бара помош за подигнување на безбедноста на Факултетот. Тргнувајќи од сето тоа, како и целокупната безбедносна ситуација, а со оглед на фреквенцијата на студенти, професори и странки во кампусот, на 1.12.2015 година упатив писмо до МВР со молба да овозможат одредено присуство на нивни лица во кампусот. Од ова можете самите да заклучите дека се што е преземено, е направено со причина, и две недели пред почетокот на градбата, а ако некој има намера да ги комбинира работите заради нечии дневно-политички потреби и цели, тоа не е мој проблем. Без оглед на автономијата и сликата, јас повторно би го направил истото, ако за тоа има потреба и ако е тоа во насока на безбедноста на нашите студенти.

Ректорското столче во изминативе години се покажа како многу „пожешко“ и од политичките. На што е повеќе резултат тоа – на обидите и Универзитетот да се стави под капата на политиката или на ускратената можност Универзитетот да партиципира во одлуки што го тангираат неговото работење и автономија?

Во Ректоратот сум од 2005 година. Добар период да се согледаат многу работи. Имаше различни турбулентни периоди, но секогаш за мене УКИМ беше најважен. За тоа како го водев во изминатите години зборуваат резултатите, двата надворешни извештаи од Брисел и сите седум Извештаи за работата едногласно усвоени од Сенатот. За жал ректорството често пати се перцепира како некоја голема привилегија, дури и од блиски соработници. Би бил среќен тоа да беше така. Тоа е жешко столче со многу, многу работа и голема одговорност. Универзитетот по својата поставеност е надвор од политиката и ние се трудиме тоа да биде така. Но, на Универзитетот имало и ќе има професори со различни политички припадности, идеологии или индивидуални идеи и желби. За жал, последните ги генерираат проблемите и тие секогаш доаѓаат од внатре, а не од надвор. Во сето тоа опкружување ректорството е позиција на која човек ја сфаќа суровата реалност, дека ако нешто добро оди, тогаш тоа е заслуга на сите или пак јавноста успесите вообичаено не ја интересираат. Но, ако има било каков проблем, тогаш секогаш ‘дежурен виновник’ е ректорот. Во пресрет на изборната година за нов ректор на УКИМ, желбите и амбициите некому му го поматуваат умот. Решените и нестрпливите да седнат на ректорското столче, па макар и жешко, генерираат и монтираат различни проблеми, инсинуации и измислици од најнизок вид. Но, сето ова човек треба да го надмине со разум и академско достоинство, зошто тој што се занимава со ниски работи, веќе е казнет и јаден со тоа што е таков, а на УКИМ сигурно не поминува.

Целиот текст прочитајте го на Дојче веле на следниот линк ОВДЕ.