РЕЦЕНЗИЈА: ТЕКСТ ШТО САМИОТ СЕ ПОБИВА

0
648

Текстот што е предмет на рецензија се обидува да го обезвредни и да го омаловажи медиумот за кој лидерот на опозицијата дал интервју, а, од друга страна, цитира делови од интервјуто што ги смета за интересни. Интенцијата е медиумот да се претстави како сигурно поле за настап на лидерот на опозицијата, поврзувајќи го неосновано со неговото гостување на една телевизија со национална концесија.

Линк до оригиналниот наслов: Скандал: Интервју на Заев за порно сајт!

Датум и време на објавување: 14.02.2016

Датум на рецензија: 16.02.2016

Рецензент: Силвана Жежова

КОНТРАДИКТОРНОСТ

Текстот е контрадикторен бидејќи во него првин се изразува сомнеж за вистинитоста на интервјуто, а потоа сомнежот се отстранува со констатацијата дека, „интервјуто е вистинито бидејќи го пренесуваат т.н соросоидни сајтови“.

„Заев доби можност да се искаже и прослави, и даде интревју на порно сајтот Доказ кој, воглавно објавува текстови и наслови со длабоко еротска, шпекулативна и фотомонтирана содржина па, оттаму, не е сигурно ни дали ова интревју на Зоран Заев постои, или е дел од традициите на овој порно сајт. Но, штом интревјуто во делови го пренесуваат и други соросоидни сајтови, веројатно е дека Заев наивистина го изјавил ова што го изјавил.“

Врз основа на одговор на Заев на прашање поврзано со работата на Специјалното јавното обвинителство, без никакви докази, лидерот на опозицијата и специјалната обвинителка Катица Јанева се доведуваат во блиска врска, односно Заев се ословува како ментор. Написот не нуди никакви аргументи со кои ќе се докаже дека Јанева работи под менторство на Заев.

„Нагони кон историски дименизии има и нејзиниот ментор Зоран Заев. И тој и Катица Јанева себеси се препознаваат и доживуваат како историски личности.“

Без да се навлезе во содржината на медиумот за кој Зоран Заев дал интервју, видливо е дека оваа објава е правена наменски, со идеја да го оцрни опозицискиот лидер, но и да го омаловажи и исмее, обвинувајќи го дека се појавувал на „порно сајтови“.

 

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).