Протест: Стоп за загадувањето или блокада на градовите на 15 јануари!

0
1266

Ограничување на движењето на возилата во поширокото централно градско подрачје, воведување на сообраќаен режим во денови кога има енормна загаденост, забрана на движење на возила кои користат горива со понизок стандард од „еуро 4“ и дизел се дел од мерките кои граѓаните и еколошките здруженија од Скопје, Тетово, Битола, Кочани, Кичево ги побараа од надлежните институции на протестот пред Владата, пренесе Мета

Во однос на индустриските капацитети, предложија забрана за работа на оние со интегрирана А и Б дозвола, во услови кога концентрацијата на ПМ10-честичките е над дозволената граница во последните 24 часа.

До градежните компании упатија апел, кога воздухот е енормно загаден да престанат со активностите за да се намали емисијата на прашина.

Здруженијата поставија ултиматум до надлежните власти дека, доколку ваквите конкретни мерки не бидат преземени, на 15 јануари ќе ги блокираат загадените градови.

На протестот пред Владата, говореа претставници од здруженијата од повеќе градови кои се најпогодени од загадувањето.

Студентот и креатор на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски истакна дека загадувањето е најголемо од 15 часот попладне до 3 часот по полноќ, што укажува дека еден од најголемите загадувачи е загревањето на домовите.

– Градежниот шут и пластиката кои граѓаните го користит за греење го загадуваат воздухот. Тие се економски немоќни да се приклучат на Топлификација. Бараме дел од буџетот за барокни градби, бродови, палми да биде пренаменет за субвенционирање на сметки за парно греење и гасификација на државата – апелираше Јовановски.

Аријант Џафери од „Еко Герила“ од Тетово апелираше до „Југохром“ од Тетово, да стави филтри, па макар и барокни.

– Ставете ги филтрите во „Југохром“, па макар биле и барокни. Запрете го загадувањето, зашто не можеме да го запреме дишењето – порача Џафери.

Од здруженијата изразија загриженост за сечата на дрвјата и уништување на зеленилото и упатија апел до надлежните институции не само да препорачуваат мерки туку и да преземат конкретни активности.