После фамилијата на Субрата, уште еден „инвеститор“ доби државјанство и е во избирачкиот список

0
774

Се појави како потенцијален инвеститор, а стана македонски државјанин. Бизнисменот Калид Ал-Тавил од Саудиска Арабија, за кого јавноста прв пат слушна минатата година при владиниот лов на инвестиции во главниот град Ријад, на 11 ноември годинава добил решение за македонско државјанство издадено од МВР, дознава Телма.

Ги исполнил условите гарантирајќи со банкарска гаранција од 400 илјади евра, дека ќе инвестира во Македонија, отворајќи фирма каде ќе вработи 10 луѓе. Статусот на Македонец го добил според член 11 од Законот за државјствто, каде странец кој напочнил 18 години може со природување да добие државјанство, ако тоа претставува особен научен, економски или друг вид национален интерес. Меѓутоа, единствените изјави на властите и заинтересираниот инвеститор датираат од пред една година, дека бизнис условите во Македонија се одлични и такви нема никаде во светот.

Имаме планови за ширење на бизнисот за 2015-та и 2016-та во кои ќе ги покриеме областите на човечки ресурси во насока на обуки на луѓе кои би работеле на тренинг и развој. Исто така и во делот на недвижности преку можност за инвестирање во недвижнини во туризмот и други области, изјави Калид Ал тавил на 14-ти декември, минатата година.

Голем број титули се нижат зад името на Ал Тавил. Од поранешен советник во Министерството за безбедносни прашања на Саудиска Арабија, генерален директор на Националниот информативен центар, доктор по компјутерски науки. Тој е и член на бордот на директори на компанијата „Леурон“, која има свое претставништво и во Македонија, а функционира веќе години наназад, сместено во населбата Чучер Сандево. Кои се конкретните инвестиции на бизнисменот Калид Ал Тавал во Македонија нема информација.

Со одлуката на Влада донесена во 2012-та година, од особен економски интерес, странец може да добие македонско државјанство, доколку инвестирал најмалку 400 илјади евра како инвестиција во нови капацитети. Притоа, презема обврска и околу вработувањата во новата фирма.

Ова не е прв случај странски бизнисмен да стане македонски државјанин.

Калид Ал Тавил ќе биде дел од избирачкиот список, заедно со Сушанто и Свипна, синот и сопругата на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кои како што откри КОД, ќе гласаат во населбата Бардовци.