Нова битка добиена на Заев и опозицијата : Собранието ги изгласа законите од Пржино за нова влада

0
555

Пратениците во Собранието на пленарна седница ги изгласаа законите кои политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино ги договорија во петокот, јавува „Мета“.

Пратениците по скратена постапка гласаа за измени и дополнувања во Изборниот законик, за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка, за законот за заштита на приватноста, за законот за заштита на укажувачите и за законот за влада.

Најголемите дебати се одвиваа за гласањето на дијаспората и за Законот за заштита на приватноста за кој дел од пратениците сметаат дека е лош закон кој ќе им штети на граѓаните.

Последна точка на дневен ред беше Законот за влада со кој е предвидено именување на нови министри и доплнителни заменици министри. За оваа точка пратениците воопшто не дебатираа и го изгласаа Законот со 98 гласа „за“ 8 „воздржани“ и ниту еден глас против.

Нареден чекор е потпишување на Указот од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, а потоа се очекува Владата да ги предложи новите министри кои ќе бидат избрани и ќе дадат свечена заклетва во собранието.

Според неофицијални информации се очекува утре владата да одржи седница на која ќе ги предложи новите министри, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи и Фросина Ременски за труд и социјална политика.

Неофицијално „Мета“ дознава дека нов министер за информатичко оппштество, на местото на Иво Ивановски ќе биде досегашната заменичка, Марта Арсовска Томовска.