На 140 вработени во „Гентерм„ прекинати им се договорите

0
411

На над 140 вработени во американската компанија „Гентерм“ не им биле продолжени договорите за работа со образложение дека нема можности за производство, додека главната производствена хала не биде изградена. Вработените, кои веќе поминале обука во Украина, викендов протестираа пред зградата на Општина Прилеп и бараа да бидат вратени на работа. Тие велат дека пред да заминат на обука им било ветено дека кога ќе се вратат фабриката ќе биде готова и дека ќе ги чекаат работните места. А сега, менаџерите на „Гентерм“ во Прилеп им советувале да бараат  ново вработување, зашто фабриката за автоделови не е изградена.

Компанијата во соопштение потврди дека донела одлука да не го продолжи договорот со 141 вработен. Причини за тоа, според нив, се неможноста за склучување нови договори поради неизградена главна производствена хала. Таа, се вели во соопштението, треба да биде завршена до март идната година, а првите договори со купувачите се очекуваат до јуни. Од „Гентерм“ информираат дека луѓето чии договори не беа продолжени минатата недела ќе бидат вработени назад со приоритет во оној момент кога ќе биде готов производствениот капацитет.

Во моментов „Гентерм Македонија“ има 345 вработени. На почетокот од изградбата на оваа фабрика премиерот Никола Груевски најави дека до крајот на изградбата на фабриката во јуни, „Гентерм“ во Прилеп ќе вработи околу 2.000 работници.