Најголем дел од земјиштето на Џумајлија и натаму без закупец

0
1236

Индиската научно фантастична приказна за пропаднатиот агрокомбинат Џумајлија се претвори во македонска реалност. По повеќе од една година откако го раскина договорот со Субрата Рој, државата не успеа да најде закупци кои ќе го обработуваат плодното земјиште во Овче Поле. На објавениот оглас комплетна понуда достави единствено агроиднустријата „Агриа“ од Велес, која ќе обработува површина од 1.250 хектари. Компанијата, која е најголем производител на свинско месо во државата, на земјиштето за кое ќе плаќа годишен закуп од 108 000 евра ќе одгледува пченица, јачмен и сончоглед, информира Телма.

– Во бизнис планот кој ние го доставивме до министерството за земјоделство и до владата стои дека нашата инвестиција во наредните четири години ќе биде околу 2,7 милиони евра и дека ќе имаме околу 40 нови вработувања. Ние за ова земјиште пројавивме интерес уште пред пет години откако АД Џумајлија отиде во стечај затоа што знаевме каква беше ситуацијата, рече Перо Колевски, „Агриа“.

Сепак, државата тогаш наместо на македонските компании, атрактивното земјиште му го понуди на Субрата Рој. Контроверзниот индиски бизнисмен, кој веќе 20 месеци е во затвор за финансиски криминал, ветуваше дека ќе инвестира 211 милиони евра во млакарници, фарми и други капацитети, како и дека ќе донесе 20.000 молзни крави од Холандија.

– Што ќе биде кога ќе се изреализира проектот после три години? Ќе се потсетиме дека сме зборувале вака или онака. Добро, има и ризик да не се изреализира ама ризикот го сведовме на некои прифатливи граници затоа што ќе се наплатат финансиски средства во висина од три милиони евра, а три милиони никој нема за фрлање, смета Љупчо Димовски, поранешен министер за земјоделство.

Проектот не се реализираше. Претставниците на „Сахара груп“ донесоа механизација единствено за пред камери да ги изораат првите бразди во присуство на високи претставници на власта, а потоа целосно го запуштија државното земјиште.

Извор: Телма