Мјауууууу!

0
1288

И Груевски рече: Мјаууу, нека бидат избори во април! И ќе беа… за малце! Ама тогаш се појави чичко Бејли, строг исто како оној ден кога во политичка пензија ги прати Миле, Саше и Гордана и врати: Коле fuck off, јас овде кажувам кога ќе има избори, а избори во април нема да има! Толку. Со чичко Бејли нема трте-мрте.

Сега пискотници се слушаат од Иле Гебелс, ќе оделе сами на избори во април. Им продава магла на нивните гласачи. Кој ќе ви даде легитимитет на тие избори без учество на опозицијата, а Иле? Мјауууу! Зарем драмава со бомбите на опозицијата, Пржино и Специјалното обвинителство е направена за вие сами да одите на избори? Иле, иди бегај! Треба еднаш да ви кликне дека вашиот Господ Груевски пред кого коленичите десет години, не е толку силен колку што се фалеше. Целиот циркус во последнава година беше режиран само со една цел, Груевски да биде тргнат од тронот, зашто во него, САД и ЕУ повеќе не гледаат фактор на стабилност и демократија во овој регион. Или ај да бидеме искрени. Не им е веќе по ќеф, особено на Американците и мора да биде сменет.

Ова ми го кажа еден дипломат во неврзан разговор, во октомври минатата година и тоа воопшто не ме изненади, зашто и претходно пишував дека избори во април нема да има. И бев изложуван на потсмев, во смисла: А бе глумец што разбираш ти од висока политика! Теории на заговор!? Оди глуми во театар и мукла! Само што, излезе бев во право. Од каде знаев?

Мјауууу! Нека крене два прста секој кој верува дека народот не е тој кој ги избира владетелите во една земја. Малку се таквите меѓу вас, така? Повеќето од нас веруваат дека народот на избори, во мнозинство гласа за одредени политичари и партии и ги носи на власт. Тоа е голема заблуда. Во еден глобален свет, лудо е да веруваш дека ситната боранија од држави како што е Македонија егзистира суверено и независно. И Александар Македонски во неговиот свет, сам ги поставуваше лидерите во неговите сатрапии, а за возврат тие мораа да му седат во скутот. Не го сфаќајте ова буквално.

Така и денес, нашата самостојност е само условна, иако ја плаќаме прескапо, како и секоја друга земја во регионов и пошироко. Историјата на транзициона Македонија е историја на низа изнудени самодеструктивни политички отстапки и компромиси. Запаметете го ова, иако излегува од устата на глумец. Од признавањето во ОН во 1993 година, неспособни да ја оправдаме независноста, ние постоиме само благодарение на волјата на надворешните моќни играчи на големата геополитичка шаховска табла. За возврат исполнувавме многу задачи што ни ги даваа и им понудивме на ајнцер сѐ што поседуваме. Инаку одамна ќе згасневме.

Затоа луѓето кои до сега владееја со Македонија мораа да бидат во положение на тие странски фактори. Да го исполнуваат она што ќе им биде кажано. Имате државни фабрики и компании, приватизирајте! Има триста илјади бегалци од Косово на српска граница, пуштете ги кај вас! Дајте ја територијата за НАТО ако мора милошевиќева Југославија да ја нападнеме и од копно! Позајмете пари од нашите банки! Доста со тоа дека касата е полна и немате потреба од нови задолжувања, оти ќе имате војна! Нападнати сте од терористи, ви дадовме време да ги решите, не ги решивте, сега оставете ние да решиме што ќе биде со вас! Потпишете мировен договор во Охрид! Ајде сега потпишете за нова територијална поделба на општините! Тоа сте ветиле во Охридскиот договор! Господине Груевски ветивте компромис за името, уште нема ништо! Господине Груевски, ние ви отвораме американски фабрики во вашите слободни економски зони, а вие се вртите кон Путин! Ветивте ќе бидете лојални кон нас! Ветивте, а не исполнивте!

И стигнавме до поентата. Резултатот од нелојалноста на Груевски ја гледате во полна сила. На сличен начин се спуштал мракот врз многу владетели последниве седумдесет години, кои за да дојдат на власт нешто им ветиле на некои моќни странски чичковци, а после ветеното не го исполниле. Тоа не е „теорија на заговор“, туку ПРАКТИКА НА ЗАГОВОР! Да беше сѐ како што пишува во весниците или како што кажуваат на Сител, немаше да има тајни служби.

Сум го чул и ова, за Груевски било планирано сценарио Милошевиќ или „улица и народ до коска“, ама кога се увидело дека овде нема доволно одлучна критична маса луѓе, а до Груевски седи тип кој може во секое време да ја искористи својата парамилиција против неистомислениците, одлучено е за формирање Специјално обвинителство. Катица ѓоа кртица само го одработува она што ѝ е зададено – разоткривање и компромитација на Груевски и неговиот режим. Затоа груевци кон неа се однесуваат како кон вештерка. Да можат ќе ја запалат на клада док си кажал Фатиме!

Заев исто не е случајно избран да му забибери на Груевски со бомбите? Не постојат случајности, особено не, во политиката. Како што некогаш странците во соработка со домашните тајни служби го избраа Груевски да му ја запржи манџата на Георгиевски и да дојде на власт, иста е сега приказната со Заев. Прво запршка на Бранко, а после и за Груевски. Се прашал некој зошто премиерот Груевски преговараше со Заев откако јавно го нарече велепредавник кој сака да направи пуч? Зошто Груевски ако е чесен и чист, би седнал да преговара со некој што го уценува со аудио снимки, за кои Груевски тврди дека се лажни, лепени, сечени и монтирани? Еве ставете се на негово место. Ако сте чесен премиер и ви дојде некој кој тврди дека поседува снимки со кои ќе ве компромитира како владетел, ќе седнете со него да правите пржински договори? Малку утре! Има да го нема за две секунди!

Ама не! Груевски седна да преговара со оној кој го нарекуваше пучист и странски платеник. Како така, најсилниот, генијалниот и пратениот од Бога да ја спаси Македонија, седна на маса со платеници врбувани од странски тајни служби? Потоа дозволи да му ги сменат најверните министри Миле и Горде, а изгледа лесно ќе ги пушти и на робија, онака, со банкет, ако се суди според штурото соопштение на ДПМНЕ по повод обвинението против Миле и Горде, во кое се вели: Нашите функционери не се криви! Мјауууу! Фала многу! Пријатно!

Што мислите зошто мјаукаа Груевски и Илија Димовски за избори во април и за оставка на Груевски, на само сто дена пред изборите, а не повеќе? Зашто знаат, колку повеќе време минува, толку повеќе ќе спласнува стравот кај народот што го создадоа со своето стравовладеење, а со неговото спласнување многу граѓани ќе му свртат грб. Или во превод, подалеку од очите, подалеку од срцето! Во меѓувреме, одредени пи-ар агенции и невладини организации, ќе имаат повеќе време, преку разни кампањи да го ослободат ропскиот менталитет кај граѓаните, кој свесно беше потхрануван од режимот на Груевски. Стравот кај народот уште повеќе ќе се намали ако пукнат пресуди против поединци од власта, откако ќе се придобијат одредени судии кои ќе му откажат послушност на Груевски. А ќе му откажат, зашто и парата е како шило. Уште ако се земе во предвид реформата во медиумите и нивната девмроизација, неможноста да гласаат робовите на Едмонд Темелко од Пустец, превртливоста и поткупливоста на Амди и традицоналните симпатии на Албанците кон странскиот фактор на кого мора многу да му отплаќаат, тогаш Груевски треба стварно да се замисли над својата судбина. Ете во таа смисла народот никогаш не одлучува за тоа кој ќе владее, туку неговата одлука на изборите е условена, што значи смислено се изградува и насочува со месеци однапред.

Во тоа е големата местенка која на Груевски му ја приредија странците. Потпиши во Пржино, дај оставка, ќе договориме и датум за избори, ама кога ќе бидат, не се знае. Оттука тешко одеше договарањето меѓу партиските лидери за исполнување на обврските околу договорот. Кога требаше странците ќе му шепнеа на некој лидер: Гледај сега за ова да не се договориш, а ние ќе се правиме дека немаме врска со твоето кочење! Затоа положбата на Груевски во државата и партијата, по одложувањето на изборите на неодредено време е уште потешка. И џабе ДПМНЕјците, му се лутат на Ван Хауте кога ги доживува ко мачиња, зашто тоа и се, иако десет години лажно се претставуваа како лавови. Оти ако Груевски се прави дека заборавил како и преку кого дошол на власт, странците не забораваат. Работава: Ем шуто, ем боде! Само глуми отпор и патриотизам, а знае дека повеќе нема никаква контрола над ситуацијата. И тоа не е случајно што чичко Бејли баш во февруари рече: Избори нема да има! Се знае што им прават големите мачори на мачињата во февруари, така? Мјаууууу!

Пишува : Сашо Тасевски