„Мугра“ против „несоодветниот, деструктивен и ретрограден“ план за барокни градби на УКИМ

0
596

Младинската организација „Мугра“ реагира на најавените барокни згради при УКИМ

По најавата на Министерството за образование и наука за изградба на два нови објекти (зграда за факултетот за физичко образование, спорт и здравје и зграда за факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство) во рамки на комплексот при Универзитетот Кирил и Методиј, младинската организација “Мугра” се спротивставува на ваквиот избрзан и според нив несоодветен, недоволно подготвен, деструктивен и ретрограден план.

Според договорите кои беа објавени на веб страницата за јавни набавки, тендери од речиси 20 милиони евра доби градежната компанија „Бетон Штип“ за изградба и партерно уредување на Факултетот за физичко образование и спорт (ФФК) и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Предвидено е зградите да бидат во барок стил, а автор на идејните решенија за двата факултета е Жарко Чаушевски.

„Со реализација ќе се прекршат следниве правила и принципи: Брутално прекршување на автономијата на универзитетот. Таа е прекршена во три инстанци:Автономијата на просторот е прекршена бидејќи овој план ја прекршува просторната автономија на универзитетот. Во Законот за високо образование стои дека на универзитетот му се гарантира неповредливост на универзитетскиот простор и на просторот на самостојните високо образовни установи ( Член 14 од ЗВО).

Автономијата на одлучување е прекршена така што во ниту еден чекор од носењето на одлуката за изградба на нови објекти во просторот на кампусот не се консултирани студентите на истиот кампус. Студентскиот парламент во овој момент е нерепрезентативно и нелегитимно тело со нелегален и нелегитимен претседател и тој не може да одлучува во име на студентите, а особено не за трајни, нереверзибилни акции со непоправливи последици.
Автономијата на универзитетскиот простор е прекршена така што на веќе целосно осмислен и одлично концепиран простор се наметнуваат нови градежни зафати кои на ниту еден начин не го почитуваат, а дури и го игнорираат постоечкиот просторен контекст.

Територијата на кампусот не смее да се перцепира како обично градежно земјиште, туку таа е негов неизоставен дел кој има сопствен придонес во заокружувањето на кампусот како целина во која припаѓаат и зградите на факултетите и ректоратот.“ реагираат од „Мугра“.
Понатаму од „Мугра“ велат дека се прекршува правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

„Според бр. 51/05 на Службен весник на Република Македонија, член 23, став 2, алинеја 2 при оформување на градежни парцели за објекти за високо образование се утврдува следната минимална површина на градежната парцела: 30m2 по студент/ка. Според Архитектонско – урбанистичкиот проект за Универзитетски комплекс на градежна парцела 1.1. согласно ДУП за дел од локалитет Крњево 1, Урбан Блок 1, Општина Центар, површината на градежната парцела изнесува 91,779 m2 за сите факултети заедно. Дури и без вклучување на нови факултети и изградба на нови објекти во комплексот не се запазени законските регулативи. Во сегашните услови бројот на студенти е веќе преголем за површината со располага кампусот.

Прекршување на правилник за стандарди и нормативи за проектирање на објекти. Во проектната задача за изработка на идејно решение за Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, за објектот предвидена е површина од 9.625 m2 за 3200 студенти (3 m2 по студент, кога минимум површината според Член 9 од Правилникот („Службен весник на РМ“ бр. 15/90, 11/91, 11/94, 18/99 и 25/99) изнесува 7-10 m2!

Прекршување на авторските права на архитектот Марко Мушиќ, кој е сеуште жив и чијшто проект за универзитетски кампус бил првонаграден на архитектонски конкурс распишан во 1967 година. Со доградување на нови објекти во рамките на веќе комплетираниот универзитетски кампус се прекршуваат авторските права на најелементарно ниво.

Нарушување на животната средина. Во овој план се предвидува уништување на 47 дрва и притоа најдиректно се загрозува еколошката средина на кампусот, со што индиректно се загрозува и здравјето на студентите. Универзитетот како авангарда треба да предничи во кревањето на свеста, а тука е вклучена и еколошката свест. Затоа сметаме дека и ова е уште еден огромен проблем во планот на Министерството за образование и наука. “ се вели во реакцијата.

Од „Мугра“ велат дека намерата да се инвестира во нови објекти, во насока на подобрување на состојбата на универзитетот е благородна, но не на начинот на кој е планирано да се спроведи.

„Упатуваме препорака овој план да се преиспита и да се најдат посоодветни решенија кои ќе ги земат предвид претходно наведените аргументи.

Нагласуваме дека како организација сме спремни да учествуваме во проектот со наши предлози, идеи и човечки капацитети сè со цел да изнајдеме заедничко прифатливо решение.

Доколку ова соопштение биде игнорирано и не се земе предвид, М. О. Мугра ќе ги преземе сите демократски расположливи средства за спречување на реализацијата на планот кој го презентира Министерството за образование и наука. “ се вели во реакцијата.