Милевски: Советот на јавни обвинители да не дејствува како партиска експозитура на власта

0
408

Техничкиот премиер Емил Димитриев да се однесува сериозно за функцијата што ја извршува и да му даде целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство во откривањето на криминалот и корупцијата во редовите на власта.

„Советот на јавни обвинители на Р. Македонија да престане да делува како партиска експозитура на ВМРО-ДПМНЕ, туку да се однесува соодветно на нивото на функцијата која што треба да ја извршува“, рече на синоќешното собрание на општинската организација на ЛДП во Кисела Вода, претседателот на ЛДП и пратеник во Собранието на Република Македонија, Горан Милевски.

„Советот на јавни обвинители не смее да си дозволи да работи по партиска директива на ВМРО-ДПМНЕ и да врши притисоци и закани врз специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим. Овој Совет на обвинители треба да понесе одговорност за партизацијата на судството и обвинителството, како продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, нотирано и во извештајот на Прибе. Советот на обвинители треба да го почитува Пржинскиот договор“, додаде Милевски пред сопартијците од Кисела Вода.

На собранието на ОО на Кисела Вода беше избран новиот општински одбор, кој од своите редови ја избра Марина Чорбеска за нов претседател на ОО Кисела Вода.

По изборот на Силвана Трбогазова на чело на ОО на ЛДП во општина Аеродром, жените заземаат позначајна улога во раководството на ЛДП.