Дали до овој момент се исполнети условите кои гарантираат дека Македонија на 24-ти април ќе има фер и регуларни избори? Ова е прашањето што Дојче веле им го постави на четирите партии, потписнички на Договорот од 2 јуни/15 јули. Евалуацијата на неговата досегашна реализација е повод за претстојната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и на тројцата европратеници – Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, кои беа први посредници во разговорите меѓу македонската лидерска четворка за излез од политичката криза во земјата. Кон крајот на декември комесарот Хан им испрати писмо на четворицата лидери, во кое изрази сериозна загриженост од неспроведувањето на преостанатите обврски од Договорот. Но, тоа не ги помести работите од мртва точка.
Главен услов – изборите!
Според одговорите што ги добивме од партиите, извесно е дека Хан ќе биде дочекан со целосно спротивставени ставови на власта и опозицијата, бидејќи тие различно ги читаат и толкуваат обврските од Договорот, и нивниот редослед во реализацијата. Во ВМРО-ДПМНЕ како главен услов од Договорот ги сметаат изборите закажани на 24-ти април и не ги споменуваат медиумските реформи и времето потребно за прочистување на Избирачкиот список, кои треба да бидат реализирани претходно.
„Суштината на Договорот од Пржино не е некој да стане технички министер без мандат од граѓаните, туку да се најде излез од политичката криза во која СДСМ ја втурна државата“, вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.
„Излезот од таа криза е круната на Договорот, односно изборите кои треба да се одржат на 24-ти април. Граѓаните на Македонија очекуваат Договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот – изборите на 24-ти април, односно излегувањето од кризата, е загрозување на целокупниот Договор. Не беше дел од Договорот разорување на безбедносниот систем или системот на социјална заштита. Сепак, СДСМ во МВР внесе луѓе без еден ден искуство во полицијата и драстично го наруши системот на кариера граден во соработка со меѓународната заедница. Спротивно на законот унапредуваа луѓе блиски роднини на високи функционери на СДСМ, а без причина разрешија професионалци во кои со години е инвестирано од страна на меѓународните партнери“, вели Котевски.
Она што се повеќе се спомнува во партиските ешалони, е ставот дека ако нема избори на 24-ти април, освен што нема причина премиерот да се повлече од функцијата, туку и министрите на СДСМ ќе треба да ја напуштат Владата. Извесно е дека ВМРО -ДПМНЕ на еврокомесарот Хан ќе му го предочи незадоволство од одредени постапки на социјалдемократските министри и заменици – министри, како и сознанијата од истрагата за аферата „Фалсификувани лични карти“ и врските на дел од раководството на СДСМ со осомничените за фалсификувањето.
Решавање на системските слабости
Во опозициската СДСМ имаат дециден одговор на поставеното прашање.
„До овој момент не се исполнети условите за во април да имаме кредибилни избори“, велат од СДСМ.
„Не е почнато ни прочистување на Избирачкиот список, ни медиумските реформи. Тоа се двете теми за кои Македонија и досега постојано добиваше критики, како за крупни системски слабости. Не е логично и земјата да има толкав број на гласачи особено ако се има предвид колку од нив се иселиле од државата. Прочистување на избирачкиот список беше неопходно и без оглед на кризата и на сознанијата од ‘бомбите’ за изборни манипулации. Без решавање на овие прашања, разумен човек не може да очекува фер избори“, велат од СДСМ.
Според партијата, и годинава се повторува „однесувањето типично за ДПМНЕ, исто како на изборите и во 2011, и во 2013, и во 2014 година“.
„Од ДПМНЕ земаат обврска дека по изборите ќе ги решат овие прашања, но потоа ништо не прават. И така неколку изборни циклуси по ред. Сега го прават истото. Го влечкаат процесот за да нема време да се поправат тие системски слабости, а кога ќе им се спомне дека тоа не води кон фер избори, веднаш етикетираат – ‘вие од СДСМ бегате од избори!’ Тие сакаат избори, но без никакви промени претходно. Сите што сакаа фер избори на 24 април, се трудеа да ги испочитуваат роковите од Договорот. Оние кои не ги испочитуваа, беа ВМРО-ДПМНЕ. Ако овие прашања не се решат, многу јасно е дека нема да има никакви услови фер избори“, децидни се од СДСМ. Како аргумент ќе ги посочат и сознанијата за откриени лажни гласачи од Пустец на кои незаконски им биле издавани лични карти, чија конечна бројка ќе се знае по целосната проверка на списокот.
Од таму потенцираат и дека состојбата со медиумската сфера сега е полоша и од 2014 година. Како еден од примерите го посочуваат тоа што порталот „Курир“ и телевизиите “Сител“ и „Канал 5“ не биле подготвени да објават дури ни платен оглас од СДСМ.