И треба ли на Македонија ограда на границата?

0
753

Ако Македонија постави ограда на јужната граница, тоа нема да значи нејзино затворање за влез на бегалци од Блискиот Исток, туку зајакната контрола и регулирање на бегалскиот проток во согласност со домашните капацитети за нивен прием и хуман третман, велат безбедносни извори за Дојче веле. Неофицијално, започнати се одредени активности за одбележување на теренот каде евентуално би можело да се подигне ограда, a во една македонска фабрика веќе биле произведени доволни количини на жичана заштита, доколку нејзиното поставување биде итно побарано. Ваквите активности се во согласност со заклучоците на националниот Совет за безбедност од минатиот викенд.

„Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно“, беше еден од заклучоците на Советот.

Сепак, беше нагласено дека ваквиот чекор би се преземал во крајна нужда, само ако Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка бегалци, која ги надминува домашните капацитети за нивен хуман третман.

Поголема размена на информации

Во однос на поефикасна контрола, дел од експертите предлагаат да се формира Регионален разузнавачки центар, во кој земјите би разменувале навремени информации за движењето на потенцијално опасни лица. Но, постојат сомневања дали тоа би било реално остварливо во време кога на многу ниско нивно е и елементарната билатерална размена на информации меѓу некои земји во регионот, како и поради користењето одредени „уцени“ по прашањето на безбедноста. Во тој контекст потсетуваат на мартовската закана на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, дека ако Атина не добие поддршка во должничката криза, ќе им даде документи за патување во ЕУ на бегалците или на 10.000 луѓе кои се притворени во затворите.

„Ако Европа не’ остави во криза, ние ќе ја преплавиме со мигранти, а ќе биде уште полошо за Берлин ако во тој бран на милиони економски мигранти има и некои џихадисти на Исламската држава“, се закани тогаш Каменос.

Дел од експертите, пак, сметаат дека размената на информации и зајакнатата контрола на границата е неопходна мерка, но таа би била ефикасна за откривање потенцијално опасни лица што допрва би се обиделе да поминат низ балканската рута. Нема одговор како да се откријат т.н „замрзнати ќелии“ кои постојат во регионот и чекаат да бидат евентуално активирани.

Цлиот текст на Катерина Блажевска прочитајте го ОВДЕ