Јован Вранишковски Архиепископот на ПОА посветил литургија на Миленко Неделковски Шоу!

0
2067

Според веб сајтот поа – инфо, Архиепископот на ПОА, Јован Вранишковски, посветил цела литургија на Миленко Неделковски Шоу во манастир во Битола:

Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован во 27-та недела по Педесетница, служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златосут“, во Битола. Откако беседеше врз текстот на прочитаното Евангелие, Архиепископот се задржа на неколку моменти од скоро емитуваната емисија на телевизијата „Канал 5“: Миленко Неделковски Late Night Show. Имено, во споменатата емисија на Миленко Неделковски, во која како тема за разговор беа односите помеѓу Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква која е во раскол, од страна на водителот беа изречени груби навреди за верниците на Православната Охридска Архиепископија, а особено за Архиепископот охридски и Митрополитот скопски г.г. Јован. Гости во шоуто беа угледниот професор др. Вељко Ѓуриќ – Мишина и др. Александар Раковиќ од Белград, како и господата Оливер Андонов и Никола Србов од Скопје.

Еве што рече Архиепископот Јован, во неделната проповед, а во однос на таа емисија: „Господо христијанска, немаше воопшто денес да го споменувам она ноќно шоу на Миленко Неделковски, емитувано на 4-ти Декември оваа година, воколку не беа изречени безобразни навреди кон верниците на Православната Охридска Архиепископија, од страна на водителот на шоуто Миленко Неделковски. Во таа емисија тој ме навредуваше и мене, нарекувајќи ме со погрдни зборови: апаш и криминалец, именувајќи ме со името Зоран Вранишкоски, со цел секако со тоа да ме омаловажи, или мислејќи барем дека со тоа ќе ме омаловажи, иако и самиот добро знае дека веќе долги години под тоа име не се споменувам ниту во црковните, ниту во граѓанските регистри. Ви велам дека тоа добро го знае, зашто со човекот се познаваме, заедно сме седеле на ручек, а јас сум гостувал во неговата емисија во 2007 година. Имено во 2007 год., јас штотуку бев излезен од затвор, после второто мое затварање, а тој беше веќе осуден за кривично дело: измама! Човекот посредувал за вадење на виза за САД, но измамил 22 македонски граѓани, и беше осуден со затворска казна. Некаде во летото 2007 год., дојде во манастиров, овде каде што денес служиме, за да се запознае со мене, со молба да се согласам да учествувам во неговата емисија. Веројатно сѐ уште му беше свежо сеќавањето на деновите поминати во притвор во Шутка, чинам ми рече дека таму бил 7 месеци, но му претстоеше затварање, зашто веќе беше осуден од првостепениот суд на петгодишна затворска казна. И тогаш ме замоли во неговата емисија да говорам за моите денови поминати во затвор, за неправедните судски пресуди на судовите во Р. Македонија, за погрешните политики на властите и други слични теми. Емисијата може да се најде на интернет и оној кој не ја погледал може да го провери кажаново.

Но, откако Миленко Неделковски се договори со Властите во Р. Македонија да прави противуслуги, успеа затворската казна да му биде ублажена во условна. Во прво време за тоа беше должник и работеше за оние кои му ја направија таа услуга бесплатно. Уште тогаш речиси заборави и на притворот, и неправедните судски пресуди. Можеби и не ги заборави, но длабоко ги потисна во себе, така што ако сега човек го праша за тоа, веројатно дека нема да се сети оти некогаш бил осуден и оти требало да оди во затвор.

Е, тој човек, во вчерашната негова дебатна емисија, мене (Архиепископот Јован) ме нарече: апаш и криминалец. Вие добро знаете дека за мене никој никогаш надвор од Р. Македонија не поверувал дека сум бил извршител на кривичните дела за кои бев осуден во Р. Македонија. Како минува времето, а со тоа се откриваат и лагите на новинари од типот на споменатиов, сè повеќе луѓе и во нашава татковина сфаќаат дека моите судења и затварања беа со политичка заднина.

Последниве неколку години, Миленко Неделковски добро се позиционира кај Власта во Р. Македонија. Сега веќе не доработува за стари долгови, туку добро заработува, продавајќи полувистини, невистини и лаги. Нормално, за тоа што го продава нема купци, но тој и не се богати од муштериите, туку од оние кои ги рекламира. А, вие сте добро просветлени за да знаете кои се тие што ги рекламира.

Ми праша некој деновиве, а што ќе прави Миленко Неделковски кога ќе падне оваа власт? Опозицијата го има прогласено за непријател, а според зборовите на претседателот на опозицијата: тој ќе бил јаден и тоа жив. Мене пак тешко ми е да поверувам дека Миленко ќе биде изеден, и тоа баш жив. Затворот ме донел до општење со многу луѓе од ковот на Миленко Неделковски, па сум заклучил дека тие знаат умешно да се прилагодат на секоја власт. Измамникот е како волкот, речиси е невозможно да го промени карактерот! Тој го гледа само својот интерес, и за да го постигне она што му е во полза, спремен е да им наштети на другите. Во затворот сретнав луѓе кои направиле различни гревови и злосторства. Сретнав такви што убиле и човек, но тие во најголем процент се каат за она што го направиле. И од тие што краделе или насилствувале исто така многумина се каат. Но од оние што беа осудени за измама, речиси никој не се каеше. Зошто? Затоа што измамата ја доживуваат како професија, како средство за егзистенција, а не како грев!

Простете за тоа што ве задржав, а знам дека ова сето и сами го знаете.”

Вака Архиепископот Јован ја заврши својата беседа во 27-та недела по Педесетница.