„Дуинг бизнис“ на сите наши влади: Македонија во срцето, парите во џебот!

0
1410

Со исклучок на периодот од 1991 до 1992 година, и со исклучок на двајца веќе починати претседатели на државата, ниедна политичка елита досега не била водена од високи државни интереси, иако постојано на јавноста и избирачите им се претставувале како „државотворци“ или „патриоти“. Нивниот свет, го движеле парите и моќта, пишува Теофил Блажевски во анализата објавена на НОВА, поддржана од НЕД во рамки на проектот “ Промовирање на аналитичкото и истражувачкото новинарство во рамки на реформите во делот на владеењето на правото”.

Постојат повеќе причини, наметнати или креирани, кој објаснуваат зошто Македонија, на крајот од 2015 година, се уште е држава во повој, држава без почитување на правото, без функционална демократија, без слободен економски пазар и држава без целосно почитување на основните човекови права, меѓу кои, и правото на живот.

Од 1991, со новиот Устав, Македонија требаше да функционира како демократско уредено општество, засновано на поделбата на власта, по претходно спроведени повеќепартиски и слободни избори, како место каде се почитува слободата на пазарот и конкуренцијата и каде што граѓаните ги уживаат човековите права и општи и посебни, врз база на меѓународното право и конвенциите што се однесуваат на оваа сфера а кои се потпишани и ратификувани од македонските политичари и институции.

Денес, на крајот на 2015, по 24 години од „неимарството“, благодарение на политичките елити во сиот тој период, но особено во последните десетина година, доведена е до работ на опстанокот, а нејзините граѓани се соочени со страв и безнадежност за иднината и во се поголем број го наоѓаат својот спас во емиграција.

Македонија за четврт век се претвори во „слепа улица“, со црна перспектива на среднорочен период од пет години, зашто тоа е минимум време неопходно да се врати на колосекот на нормалноста под услов да се почне од денес. Се разбира, ако Македонија успее да ги преживее претстојните пет години.

Не треба многу време и зборови за да се опише денешната состојба во земјата. Доволно е да се погледне извештајот на Рајнхард Прибе, изготвен по барање на ЕК, како вонреден пресек на состојбите во земјата во првата половина на 2015 г.

Зошто состојбата е ваква? Постојат повеќе причини, дел внатрешни, дел надворешни, дел зависни од кадровскиот и социјален потенцијал на земјата, но во најголем дел одговорот лежи во – парите. Парите беа и се основен мотив од кои се водеа сите досегашни политички елити во Македонија и им го затапеа сетилото за одговорност пред нејзините граѓани кои ги избираа со една надеж – дека од земјата ќе направат пристојно место за живеење, а не „заробена држава“.

Последните 10 години

Политичката елита што владее последните 10 години се декларира за демохристијанска (и патриотска) опција што ги почитува традиционалните морални вредности, меѓу кои – сакај го ближниот свој, не лажи, не кради, не убивај… Речиси една декада подоцна, повеќето политики на оваа политичка елита го покажаа спротивното.

Хронолошките анализи покажуваат дека во нејзиниот мандат/мандати, има многу еклатантни примери кои укажуваат на растечка корупција, криминал и сериозни индиции за предизвикување последици врз здравјето и животите на граѓаните и нивната безбедност, што од небрежност, што како последица на неодговорност или заради нечинење и непреземање мерки за нивно спречување (еколошки проблеми, лекарски грешки, Монструм, Диво Насеље…).

Но, најмногу од се доминира лагата и лицемерието. Со многу помпа и широка поддршка од избирачите гранитурата на ВМРО ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, со елан да ја реформира земјата и да ја внесе во ЕУ и НАТО.

Почна силно, но со имплементација на непотистички систем на владеење и партизација на сите државни институции. Завршува со скандалозни јавни сознанија за тоа што се е „производ“ од таквото владеење (преку досега објавените „бомби“ на опозицијата), со одбивање да се искористи шансата за враќање на каква – таква политичка нормалност преку „договорот од Пржино“, со лажен патриотски набој дека странците сакаат за да ни ја загрозат уставноста и да ни земат државноста и дека „за Македонија се работи, иако тоа не се гледа најјасно“ (парафразирано од говорот на премиеротГруевски на 23.10.2015)

Реформите, како што започнаа, така и завршуваат. Како во приказната за кравата која давала млеко, но со ногата ја клоцала кантата и правела повеќе штета отколку корист. Постојат бројни примери од практиката на актуелната гарнитура кои овозможуваат ова да се илустрира во детали.

Пример за тоа е еден од првите проекти – „Компјутер за секое дете“, што беше дел од нивните најавени реформи во образованието. Иако досега се потрошени повеќе десетици милиони евра за оваа намена (во неколку транши), ниту секое дете во Македонија има компјутер, ниту може да го има, затоа што иако беа платени со десетици милиони евра, се констатира дека инфраструктурата во многу училишта, беше несоодветна.

Се пристапи кон реновирање, делумно или целосно, но во меѓувреме набавената опрема застаруваше (често беше и крадена) и – или не е во функција или не овозможува целосна експлоатација од учениците. Десетиците милиони евра (според медиумите дури до околу 60), речиси како да се фрлени во ветер.

Парите во најголем дел се употребени за набавки извршени преку дел од домашните компании што се занимаваат со ова, но главнината од Кина преку една српска компанија на човек кој денес е сопственик на една национална телевизија и на една третина од компанија што издава три дневни и неколку периодични изданија и се занимава со печатарски бизниси. Оваа “реформа” во комбинација и со други „реформи“, доведоа до општ бунт и на основци и на средношколците и на студентите.

Целата анализа прочитајте ја на НОВА на следниот линк ОВДЕ.