До каде дотурка Гоцевата Македонија

0
1106

Прашањето од насловот е токму она прашање коешто треба да си го одговориме сите ние. Една од најбитните личности во македонската историја, Гоце Делчев, лидерот на внатрешната македонска револуционерна организација ВМРО, која патем нема никаква врска со денешната партија која го користи овој акроним во политички цели, ја кажал познатата реченица „јас го замислувам светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“.

Денес за наша жал, наместо Гоцевата визија за Македонија, до македонската реалност и до владејачката партија која што тврди дека е наследник на Гоцевата иделогоија и иделогијата на ВМРО многу поблиски им се некои други тези на двајца истакнати дејци на една друга иделогоија.

Имено, главната максима за контрола врз луѓето Јозеф Гебелс ја препознал во медиумите тврдејќи дека „со доволен број повторувања и психолошко разбирање на сопствениот народ, нема да е невозможно да се докаже дека квадратот е всушност круг. Тоа се само обични зборови, а зборовите можат да се преправаат сé додека не се постигне саканата цел“. Можеби и ќе успеат да нé убедат дека планетата е сепак рамна плоча? Можеби и дека е бетонска?!

Еден друг познат претставник на оваа иделогоија, Херман Геринг, познат по планот за „тотално решение за еврејското прашање“, ја надополнил Гебелсовата идеологија со неговите две најпознати максими, првата тврдејќи дека „образованието е опасно – секоја едуцирана личност е наш иден непријател“ и секако онаа најопасната, но и најупотребуваната од нашите властодршци во денешниот политички дискурс, максима која тврди дека „луѓето секогаш можат да бидат доведени во позиција да избираат помеѓу лидери. Сé што треба да направите е да им кажете дека се нападнати од некого (странски служби?) и да ги обвините другите дека не се патриоти (предавници?) и дека ја загрозуваат иднината на државата. Ова функционира во секоја држава подеднакво”.

Но често се прашувам себеси дали можеби претеруваме во овие оценки за македонската реалност? За да се докаже одредена теорија, таа мора да се потврди и во пракса. Па да издвојам неколку фасцинантни примери од нашата денешница, иако знам дека и вие, читајќи ги дефинициите на Геринг и Гебелс, препознавте десетици примери кои самите сте ги забележале.

– Директор на јавна културна установа се впушта во тешки лични навреди кои индиректно и директно отвораат пат за линч кон девојка која искажала негодување кон неговата позиција.
– Директор во средно училиште во Велес казнува ученичка за нејзин став, во кој таа ја критикува политиката сите да се облекуваат во исти униформи.
– Лидерот на владејачката партија на конгрес на унија на жените од неговата партија, пропагира говор на омраза и повикува на линчување на другите преку “кревање на клоци”, а воедно стереотипизира цели општествени групи, директно употребувајќи ја познатата максима на Гебелс, делејќи ги на патриоти и предавници.
– На истиот тој конгрес сите жени мораа да бидат облечени еднолично во иста униформа и фризура.

На крај можам само да го констатирам следново – веќе виден филм кој ја имаше својата светска премиера далечната 1933-та година во Германија. И да ве потсетам, не заборавајте дека луѓето секогаш можат да бидат доведени во позиција да избираат помеѓу лидери. Сé што треба да направите е да им кажете дека се нападнати од некого (странски служби?) и да ги обвините другите дека не се патриоти (предавници?) и дека ја загрозуваат иднината на државата. Ова функционира во секоја држава подеднакво. Последново е веќе историски докажано.

Роберт Милески – Фејсбук статус