Претседателот на Комисијата за одбрана на СДСМ, Максим Димитриевски, придружуван од Дејан Павлевски, претседател на Комисијата за локална самоуправа, вечерва остварија средби со граѓаните на Зелениково и околните населени места.
Граѓаните се пожалија дека во 21 век се уште немаат асфалтирани улици, дека немаат улично осветливање. Реката којашто е до самиот пат, често се излева и прави проблем со излевање на одпадните води.
Во обраќањето пред граѓаните Димитриевски рече дека е срамота во едно населено место близу до главниот град да нема пат и да има само 10 улични сијалици, кога во Скопје се потрошија 630 милиони евра за споменици.
– Се потрошија 630 милиони евра за споменици а со само 2,5 милиони евра се решаваат сите проблеми во вашето населено место, пат, канализација, се. Додека граѓаните немаат основни услови за живот расипничката власт во заминување мислела само на личното богатење. СДСМ ќе ги промени приоритетите, парите ќе ги насочи кон граѓаните и решавање на нивните проблеми, рече Димитриевски.
Дејан Павлевски посочи дека локалната инфраструктура во помалите населени места низ земјава се на катастрофално ниво и тоа мора да се промени. Затоа СДСМ, за секоја општина ќе подготви по три главни проекти коишто задолжително ќе се остварат преку локалната самоуправа.
Зборувајќи за политичката ситуација Димитриевски рече дека Груевски четири дена молчи и бега од одговори пред граѓаните која е неговата улога во злостроничкото здружување.
– Груевски треба да излезе јавно и да каже која е неговата улога во ова злосторничко здружување во коешто целиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ бил вклучен. Молкот не може да му помогне на Груевски. Доаѓа времето на промени, доаѓа времето на сериозна борба со криминалот и корупцијата. Доаѓа времето во коешто кражбата ќе запре а парите ќе се вратат на граѓаните, рече Димитриевски.