ДОМ испрати телеграма со сочувство до француската амбасадорка Оер

0
972

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) денеска испрати телеграма со сочувство по повод загубата на човечки животи по терористичките напади во Париз.

– Ние, членовите на ДОМ со згрозеност и со вознемиреност ги примивме вестите за крвавите терористичките напади во Париз, изведени во текот на вчерашниот ден. Длабоко жалиме за прерано прекинатите животи на француските граѓани кои настрадаа во овие монструозни настани. Упатуваме искрени сочувства до францускиот народ и до семејствата на загинатите и искрено се надеваме дека нема да бидеме сведоци на други вакви настани, се вели во телеграмата.

Уште еднаш, како што се наведува, се покажа дека тероризмот, како зло со кое се соочува човештвото е закана за сите граѓани и за сите држави.

– Ова укажува дека врвен приоритет за сите нас стана заштитата на човечкиот живот. Запирањето на ова зло е возможно само со широка координација и соработка на сите одговорни општества, водејќи се од принципите на солидарност, толеранција и превенција од насилство. Ние веруваме во силата и разумот на француските граѓани, дека по овие настани ќе бидат уште поподготвени за соочување со заканите и ризиците со кои се соочува Франција, но и Европа во целост, стои во телеграмата од ДОМ.