Германска инвестиција со египетски предзнак: Едно поштенско сандаче во Ратинген е единствениот доказ дека близу железничката пруга се наоѓа компанијата Electro-Mechatronic Systems (GES)!

0
555

Едно поштенско сандаче во Ратинген, Германија, е единствениот доказ дека близу железничката пруга се наоѓа компанијата Electro-Mechatronic Systems (GES), фирма која премиерот Никола Груевски кон средината на месецов ја најави како голема германска инвестиција од 15 милиони евра за производство на „соларни панели и лед-светилки со врвна германска технологија“, пишува Бирн во својата истражувачка сторија за инвестицијата која ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-Истражувајќи заедно со германски новинари кои беа во седиштето на компанијата близу Дизелдорф, наидовме на податоци дека станува збор за таканаречена „Летербокс компанија“, бидејќи на местото што е наведено како седиште, нема ништо друго, освен поштенско сандаче со името на ГМС.

Зад германската компанија Electro-Mechatronic Systems (GES), според податоците од германскиот регистар на компании, стојат две лица од Каиро, Египет. Станува збор за Амир Сами Микхаил и Ахмед Абдалла Мохамед Елшаер, кои компанијата ја формирале со основачки влог од 25 илјади евра – пишува Бирн.

Ако се погледне веб-страницата на GES, може да се прочита дека нивното претставништво е во Дизелдорф, Германија, но нема никакви податоци за основачите на компанијата, ниту адреса ниту пак, контакт телефон.

Како продажна канцеларија на официјалната веб-страницата е наведена единствено Македонија, а како контакт има само македонски број од мобилен телефон.

„Ова е очигледно лажна веб-страница, бидејќи германскиот систем не ја регистрира. Освен тоа, според германските закони, веб-страниците на компаниите мора да ги содржат сите податоци за страницата, за серверот и за надлежните лица. Со тоа што оваа фирма нема никакви податоци како што е наложено, практично се кршат германските закони“, изјави за Призма програмер од Берлин, кого што го замоливме да ни помогне да лоцираме каде е регистрирана веб-страницата на ГЕС.

-Според „Money house”, веб-страница за пребарување компании од светот, наидовме на податокот дека седиштето на ГЕС се наоѓа на улицата Санд 18 во Ратинген, Германија. Ако се пребара оваа локација на Гугл, лесно може да се види дека станува збор за мал објект во близина на рампа од железничка пруга – пренесува Бирн.

(…)

На седиштето од ICE, како лице за контакт е напишан Амир Сами Микхаил, еден од сопствениците на GES кој во формирањето на фирмата учествувал со влог од 3.750 евра. Елшаер, пак, претставникот од ГЕС кој беше во Македонија, вложил 21.250 евра, што значи дека фирмата која планира да инвестира 15 милиони евра од Македонија е формирана со влог од 25 илјади евра.

Успеавме да стапиме во контакт со Микхаил и да го прашаме за најавената инвестиција во Скопје. Тој звучеше расположен за разговор.

„Секако, ќе ви објаснам сè што сакате да знаете. Само јавете ми се во текот на наредните денови, бидејќи во моментов патувам од Египет за Германија“, ни рече тој.

Во наредните денови, Микхаил не одговараше на нашите телефонски повици.

Сторијата на Призма во целост прочитјте ја тука