(ВИДЕО) Холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Плом: Специјалната обвинителка одлучува за законската одговорност, собранието за политичката

0
378

3e2efa74-2e29-46bb-9f12-5b967b4600cf_tv_w443_h249

Собранието е најважната политичка институција, каде треба да се утврдува политичка одговорност, а во исто време Специјалната обвинителка треба да може да ја заврши својата работа кога станува збор за законската одговорност, вели холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Со оглед на досегашното проблематично спроведување на договорот од Пржино, какви се вашите очекувања за создавање на минимум фер и демократски услови за спроведување на избори?

Прво да кажам дека јас стигнав пред само 100 дена и дека не бев тука во јуни и јули кога е постигнат договорот од Пржино. Како што разбрав, тоа бил долг процес, што е многу разбирливо имајќи ги предвид комплексните прашања и високиот влог на сите политичките партии. Но, она што мислам дека е важно, е дека на крајот на процесот, сите политички партии се согласија и ставија свој потпис на овој Договор од Пржино. Тоа е она што го имаме сега. Кога ќе го погледнеме спроведувањето на договорот, мислам дека е постигнат одреден важен напредок, како што е на пример враќањето на опозицијата во парламентот, нешто што не треба да се потцени, затоа што Собранието сега е онакво како што треба да биде, каде што се одвива политичка дебата, каде што се подготвуваат законите. Исто така е назначен и Специјалниот јавен обвинител и сега е екстремно важно таа да може да си ја врши својата работа, и сите институции што се инволвирани да работат заедно и да ѝ овозможат да си ја врши својата работа.

Во исто време неколку прашања сè уште треба да бидат разрешени, а едно од најважните е поврзано со изборите следната година. Ќе има еден вид на преодна влада, некои чекори се веќе преземени, некои сè уште треба да се преземат и екстремно важен дел е поврзан со медиумите, бидејќи слободни и независни медиуми, објективни медиуми, се многу значајни. И конечно, гарантираното право на глас е екстремно важен елемент. Кога дознав, при доаѓањето тука дека, според една анкета, 32 проценти од населението не мислат дека гласањето е целосно тајно во Македонија, и овој процент сезголемил од претходните минатогодишни анкети, на кои бил 22 проценти, би рекол дека тоа е загрижувачки, затоа што, колку што јас знам, гласањето навистина е тајно во Македонија и многу е важно сите луѓе да можат да гласаат и да гласаат, да го искажат својот избор следната година, затоа што тоа е и еден вид граѓанска одговорност. И граѓаните тука имаат одредена одговорност. Сепак, главна одговорност за успехот на Договорот од Пржино и за успешноста на изборите догодина, без оглед каков ќе биде исходот, лежи во Владата, во Собранието и во институциите и можеби во овој момент во политичките лидери на четирите партии кои го ставија својот потпис на договорот од Пржино, и мора да се потрудат да направат да функционира.