(ВИДЕО) Николовски: Државно земјиште добиваат луѓе на власта

0
1078

Доаѓаме до разобличување на целиот систем како се доделува земјата на луѓе блиски до власта, не се обработува или се обработува од луѓе на коишто им се дава под закуп, што е кривично дело, а за тоа се земаат субвенции, вели дополнителниот заменик министер за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Една од причините за вашето поставување како дополнителен заменик министер во овој сектор е ставот на опозицијата дека преку субвенциите во земјоделството се купуваат гласови на избори. Имате ли сега конкретни докази за ваквото тврдење?

Платежната агенција е една од најконтроверзните институции под водство на оваа власт, којашто вели дека троши 100 милиони евра коишто според нивните извештаи не се толку, исплатата на субвенции е 60-70 отсто од предвидените за претходните години, но од друга страна не дава никаков отчет пред јавноста за тоа како се трошат парите. Упорно молчат од Платежната агенција за сите овие наши барања до нив, дали е за средствата за директна поддршка, за ИПАРД или за рурален развој, немаме одговори, но од она што можеме да го дознаеме, од она што е објавено или за коешто ние имаме податоци, доаѓаме до нашите констатации дека луѓе и фирми блиски до власта добиваат субвенции, односно со нашата секојдневна интензивна работа доаѓаме до разобличување на целиот систем на доделување на овие субвенции, како се доделува земјата на луѓе блиски до власта, не се обработува или се обработува од луѓе на коишто им се дава под закуп, што е кривично дело, а за тоа се земаат субвенции. Тоа е еден организиран систем којшто функционира во Република Македонија во целиот овој период.

За колку од овие наводи сте покренале пријави во обвинителството во врска со ваквиот начин на злоупотреба?

Од самиот старт кога го отворивме случајот со Илија Србиновски, тоа е поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и нивен локален началник на Министерството во Битола, веќе имаме и известување од Обвинителство, не специјалното, туку од ова обвинителство за организиран криминал дека е процесуирана е кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Битола, дека има судир на интереси и од самото известување произлегува ставот на обвинителството дека ќе се работи на овој случај. Впрочем, за сè што објавуваме сме дебело поткрепени со документи и аргументи и затоа нема никаква реакција и можен демант во јавноста. Да се вратиме и на кривичната пријава за министерот Михаил Цветков, кој додека бил министер паралелно знаел дека не е избришан од евиденцијата на Централниот регистар како член на Управниот одбор на Силекс АД Кратово, а токму фирма ќерка на Силекс АД Кратово, Силекс неметали, добива, односно во истиот период кога министерот Цветков е и министер и член на Управниот одбор, склучува договор со Министерството и во истиот момент, во истиот период Платежната агенција префрлува над 20 милиони денари за чистење на канали. Очигледен судир на интереси и злоупотреба на службената положба и овластување. Министерот морал, односно знаел дека не е избришан од евиденција. Нема оправдување дека дал изјава на нотар, бидејќи единствена институција којшто ги води трговските регистри е Централниот регистар, така што имаме низа на случаи во коишто ние покренавме и ги користиме сите наши законски механизми што ни стојат на располагање, се со цел да ја демистифицираме целокупната состојба во македонското земјоделие и институциите што се во рамки на самото Министерство, вклучувајќи ги и злоупотребите коишто ги правеле носителите на овие функции.