(ВИДЕО) Модуларниот G5 е најреволуционерен смартфон од LG досега

0
916

Иако веројатно незаслужено, знаменосецот на LG отсекогаш беше под сенка на Galaxy S серијата на Samsung. Сепак, проценката е дека со новиот G5 модел ова дефинитивно ќе се промени – најдобриот телефон на LG донесува алуминиумско куќиште, многу попрефинет дизајн и модуларност како ниту еден друг модел во високата класа моментално.

Но, да почнеме од она што е видливо на прв поглед. За прв пат во високата класа, LG се одлучи за алуминиумско тело на својот паметен телефон. За разлика од конкурентите, линиите тука се многу пофлуидни и прават телефонот да изгледа помал отколку што навистина е. Минималистичкиот изглед е надополнет и со недостатокот на пластичните линии за антените – LG има развиено нова технологија која може да прима сигнал и преку алуминиумот.

Screenshot_1

Драматично подобрениот дизајн и чувство во однос на претходникот G4 е придружен и со намалување на големината на дисплејот, кој сега има 5,3 инчи (претходно 5,5). Ваквиот потег е веројатно направен со цел да се доближи до конкуренцијата, но и поради тоа што понудата на многу големи телефони веројатно спласнува – купувачите најчесто се одлучуваат за уредите со големина од околу 5 инчи.

IPS Quantum дисплејот има резолуција од 2560х1440 пиксели и може константно да работи со многу мала потрошувачка на енергија (0,8% на час), со цел корисникот да може секогаш да има поглед кон времето и нотификациите. Во внатрешноста е вграден новиот Snapdragon 820 процесор на Qualcomm, кој е еден од најмоќните во моментов, помогнат од Adreno 530 графика, 4 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Screenshot_2

Камерите се исто така напреднати – назад има две, едната со 16 мегапиксели и потесна леќа и другата со 8 мегапиксели и супер широка леќа, поширока од видливото поле на нашите очи. Пошироката леќа може да биде многу корисна за мали, затворени простори, но и за сликање на архитектура и сл., додека другата леќа е за нормално сликање и снимање на 4K видео. Предната камера пак има 8 мегапиксели.

Има еден податок кој не делува толку импресивно како останатите – батеријата има капацитет од 2.800 mAh, што е малку и покрај тоа што има Qualcomm Quick Charge 3.0 и Qi безжично полнење. Сепак, таа е лесно променлива и тоа благодарение на модулот во долниот дел, кој многу лесно може да се извади – само со притискање на едно копче. А најдоброто од се е што овој модул не е направен само за лесно менување на батеријата – тој може да се смени и со други модули, кои носат дополнителна функционалност.

Screenshot_3

Така, LG во старт ќе понуди модул за камера, кој е поиспакнат и има копче за сликање и „ролер“ за зумирање, што го прави сликањето многу поудобно, а има и вградена батерија која ќе го продолжи траењето на вградената (+1.200 mAh). Вториот понуден модул е од аудио стручњаците Bang&Olufsen и е своевиден засилувач за слушалки.

На него има втор 3.5 mm излез за аудио уреди, кој треба да понуди многу помоќен и поквалитетен звук од оној на телефонот, а истиот доаѓа во пакет со квалитетни H3 B&O слушалки. Единствен недостаток на менувањето на модулите е што ќе го рестартираат телефонот, но тоа веројатно и беше очекувано со оглед на тоа што се отстранува батеријата.

Untitled-1-copy

LG G5 ќе доаѓа со вграден Android Marshmallow 6.0.1, со посебен скин каде е тргнат одделот со сите апликации, односно сите ново инсталирани апликации се појавуваат на почетните екрани. Многу корисници на Android и не се баш навикнати на ваков распоред, односно сакаат поголема контрола на почетните екрани, но како и да е, тоа може да се промени со еден обичен “Launcher”.

Сите овие подобрувања го лансираат G5 не само како натпреварувач во класата, туку и како иноватор и пионер, што за идните купувачи е многу важно. Не помалку е важно и тоа што најдобриот телефон на LG конечно е изработен од метал – нешто кое веќе се очекува како стандард во највисоките класи.

https://www.youtube.com/watch?v=anyW8UY9ELg