Virgin Galactic го направи својот прв лет до работ на вселената

0
119

Иако не е единствена компанија со ваква цел, Virgin Galactic на Ричард Брансон e сигурно една од најпознатите компании која најавува туристички вселенски летови. Овие летови се’ уште не се официјално започнати од ниту една од компаниите, а и кога ќе почнат ќе бидат ограничени само на луѓето кои се спремни да платат од неколку стотици, до повеќе милиони долари.

На патот до овозможувањето на првиот комерцијален лет со туристи, Virgin Galactic оваа недела стигна до клучна точка. Тие за првпат успеаја да стигнат до висина која официјално се смета за почетокот на вселената, односно тие летаа до висина од 82,68 километри.

Висината до која има стигнато SpaceShipTwo леталото е доволна за да NASA и US Air Force сметаат дека едно летало има стигнато официјално во вселената, а пилотите во тоа летало се сметаат за астронаути.

Друга граница која се смета како почеток на вселената е 100 километри над Земјата, меѓутоа наводно според најновите истражувања, висината до која има летано SpaceShipTwo е доволна за да официјално ова се смета за нивниот прв вселенски лет.

Инаку, туристите, кога и да биде годината кога за првпат ќе летаат во вселената, тоа ќе го направат само неколку минути. По пристигнувањето до ниската орбита на земјата, тие ќе имаат кратка можност да ја почувствуваат скоро бестежинската состојба, како и да уживаат во глетката, по што леталото ќе се упати назад кон Земјата.

За разлика од другите вселенски летала кои се спремаат за туристички летови, SpaceShipTwo на Virgin Galactic е направено да полета на друго летало до одредена висина, по што се откачува и ги вклучува ракетните мотори кои остануваат вклучени само неколку минути.

Потоа леталото се спушта како авион на Земјата и слетува на писта.

Извор : СмартПортал