The National Interest: Најпараноичната земја во Европа

0
351

Ви пренесуваме дел од текстот на новинарот Александар Клап за „The National Interest“:

Кулминација на нестабилната мешавина од параноја и хипернационализам на Груевски е нешто што се нарекува „Скопје 2014“, градежен проект со олимписки размери, во кој беше урнат комунистичкиот центар на Скопје и заменет со безмилосен кичерајски класичен тематски парк. Тој е театрално провокативен. Стотици бронзени и глинени статуи на музи и хелинистички кралеви и византиски светци беа поставени на десетици нови мостови, музеи, владини згради, фонтани и пиратски бродови. Некои од нив имаат звучници од кои трештат Вагнер и Џон Вилијамс; други ги следат минувачите со мали камери; ретко кој ги отсликува етничките Албанци. Огромна статуа му е посветена на Александар Велики, кого го дои и го гушка Олимпија, мајка му. Некои Македонци го користат како доказ дека „Скопје 2014“ има фројдовски поттекст: Груевски, кој, наводно, ги слуша политичките совети на својата мајка, копнее да ја реплицира својата загубена татковина. Во најмала рака, тој се обидува да покаже дека ако Македонија не може да стане членка на ЕУ, таа ќе стане самата ЕУ. Прошетајте низ Скопје денес и ќе најдете гипсени реконструкции на Триумфалната капија, Лондонското око, Шпанските скали, Пантеон и Бранденбуршката порта. (Има и раскошна репродукција на Белата куќа, изработена од водоотпорен гипс помешан со мали парчиња стакло, поради што изгледа како зградата да трепери кога ќе се вклучи ноќе.)

Прислушуваните материјали открија дека главниот дизајнер на „Скопје 2014“ е, се разбира, самиот Груевски. „Барокот е една работа, класицизмот е друго“, му попува тој на еден министер во една од снимките. „Зградиве што ги видовме кога бевме во Вашингтон беа класицизам, а столбовите што ќе ги имаме во Уставниот суд, тие се барок“. Речиси три години по крајниот рок, „Скопје 2014“ кога ќе заврши ќе го чини просечниот Македонец двомесечна плата. Тој му носи огромни провизии на ВМРО. Договорите за градежните работи им беа доделени на лица блиски до главната партија. Груевски го искористи субјективитетот на уметноста за да се збогати. „Поентата на уметноста е во тоа што не може да ѝ се стави цена“, ми рече една студентска активистка по име Ивана на антивладиниот митинг во мај. „Градењето на нацијата е вашата алатка за перење пари!“, пишуваше на нејзиниот плакат. „ВМРО може да ѝ наплати на државата 2 милиони евра за фонтана од 500 илјади евра и разликата да си ја стави в џеб.“ Прислушуваните материјали открија дека Груевски обично зема 5 проценти од мито во градежните проекти, па неговиот профит од „Скопје 2014“ би бил околу 50 милиони евра.

Quo vadis, Македонијо? Во текот на последните десет години, донесувањето одлуки и приходите на државата станаа неверојатно централизирани во Скопје. Неколку километри на север и на запад, ридиштата на етничките Албанци содржат многу повеќе од криминалот и патиштата што државата никогаш не се потрудила да ги асфалтира; нивните даночни пари наместо таму одат во главниот град, чија екстравагантна архитектура треба да направи тие да се чувствуваат како странци во сопствената земја. Многумина од Албанците што ги сретнав – не само селани, туку и активисти, новинари и професори по градовите како Тетово и Гостивар – тивко се сеќаваат на 2001 година, кога можеле да ја уништат Македонија. До 2025 година албанското население се очекува да го надмине македонското. Којзнае што ќе се случува таму.

На меѓународната сцена денес Македонија навистина е изолирана. Симпатиите во однос на прашањето за името, кои дваесет години генерално беа на страната на Скопје, сега несомнено се вртат кон Атина. За да се врати ова во рикверц ќе треба да се преуреди центарот на Скопје, дури и додека изградбата на „Скопје 2014“ сè уште е во тек; има Македонци што отворено зборуваат за тоа. Што се однесува на ЕУ, Брисел чудно се исклучи откако го принуди Груевски да ја напушти власта во јуни минатата година: додека илјадниците демонстранти продолжуваат да маршираат во Скопје молејќи ја ЕУ да им помогне да го поправат демократскиот систем што Груевски го уништи, добиваат само тапи изјави за потребата на Македонците сами да си ги средуваат своите кризи. Некои граѓански активисти со кои се сретнав за ова ги обвинуваат бегалската криза и „аргументот за стабилност“. Зошто инаку на Груевски би му било дозволено во последнава година да ја раководи државата како обичен граѓанин? Други, пак, сметаат дека ЕУ ја загубила политичката волја да биде негувателка на земја чии финансии наскоро ќе бидат како тие на Грција. Во јули Брисел нагло повлече 30 милиони евра што претходно беа наменети за реформирање на министерствата за правда и јавните финансии на Република Македонија. Ова не изгледаше толку како критика кон македонските политички елити колку како одбивање на десетиците илјади Македонци што ја гледаат ЕУ како единствено решение за нивната криза.

Сепак, најсилниот знак за местото на Македонија во светот денес веројатно е Владимир Путин, кој не покажа интерес дури ни за некаква ситна пропагандна победа со поттикнувањето на Македонија да се сврти кон Евроазиската царинска унија. Додека Молдавија котира високо во напорите за заговори и трикови од страна на Москва, за Македонија одамна е решено дека не вреди за маката.

Александар Клап е новинар што живее во Киев. Неговите дела се појавуваат во Балканист и во литературниот додаток на Тајмс.

Текстот е објавен во „The National Interest

Превод: МКД.мк