Tерасата на СЈО

0
318

За многумина е логично прашањето: која тераса и каква врска има некоја тераса со СЈО? Добро, знам дека човек во оваа земја мора да одговара и на најбанални и најочигледни, со голо око видливи „вистини“ само заради фактот што многумина едноставно одбиваат, или не умеат, сеедно, да ја употребат онаа сива материја што господ им ја сместил помеѓу ушите.

Ако ја имаат, се разбира, во доволно количество. Плус – нештата се очигледни, не може да не ги видите! Зашто, на пример, која будала инаку би правела тераса на зградата на Кривичниот суд до која што се нема простап, односно – врата? Зошто воопшто им е тераса без врата? Иако, прашањево не е само реторичко, туку е и практично, дури елементарно, за многу новоизградени објекти низ Скопјево.

Ги погледнал некој, онака патем, она „каријатидине“ под некогаш елегантно едноставната „На-Ма“ односно „Стоковна куќа Скопје“ на централниот плоштад, а сега „неокласицистичко“ чудовиште за уплав на бруцошите на Архитектонскиот факултет? Знам, повторно прашање: зошто за уплав? Па затоа што секој кој решил да ја студира таа уметност / вештина, кога подобро ќе погледне што утре ќе треба да проектира, се откажува во старт. Каква инаку функција би имале тие гипсени смешки?

Тоа му доаѓа исто како и тековните „изложби“ наназад десетина години низ македонскине музеи и галерии за студентите почетници на историја на уметност, на пример, или на потенцијалните уметници на нашана „Академија“. Кој би се нафатил на такви студии после такви live примери? Или, понатаму, има ли некој умен кој ќе одоговори на прашањето што бараат оние смешни фигурички нанижани како чавки на фасадата на Министерството за надворешни работи? (Повторно) да ги плашат идните архитекти или да ги шокираат странските делегации што ни доаѓаат во посета па да можеме полесно да им продадеме некоја наша будалаштина? Па тие се ионака доволно исплашени, или запрепастени, од сличните, само поголеми „фигури“ што ги дочекуваат пред самиот влез на Министерството, кои што, наводно, глумат Македонец и Македонка во граѓанска облека некаде од почетокот на минатиот век! (Овде, како за крај, добро би легнала и една паралела со состојбите во вкупната македонска култура и потенцијалните идни проучувачи, ама ајде ќе се воздржам од само мене познати причини!). Сакам да кажам дека сето тоа си има некоја причина, некоја своја често и скриена логика која што ние простосмртници не можеме да ја разбереме. Или барем не целосно. Нешто како рунсконо писмо, како тајните на масоните, босанските пирамиди, србите и амебите итн.

Ама приказната за терасата на Кривичен и СЈО е повеќе од очигледна. Зашто, после оној coup de grace на ослободителот Превара и неговата дружина, а со амин на сите политички фактори кои така силно, нели, ги поддржуваа на самиот почеток, каде би оделе оние три грации? Ќе останат само на маиците? Или – дефинитивно одат во историјата? Лошо, зашто ние имаме кратко паметење. Да им прават друштво на „каријатидине“ под City Gallery? Непристојно! Затоа, сигурен сум, таа тераса е наменета за нив, по престанок на нивниот мандат, а што ќе се случи многу бргу. А и симболично е, нели. И ќе ги кренат со еден кран – за да не прескокнуваат преку прозорец, нели, како крадци – и ќе ги спуштат на терасата без врата на врвот на Кривичен! Па ќе служат за показ, ама и за пример, кој како сака нека гледа на нив. Кај нас сите опции за толкување се отворени. А и трите грации ќе имат добар увид во тоа кој влегува и излегува во судот, дали и како продолжуваат нивните предмети, со какво темпо итн. Мислам, навистина, целата идеја е толку јасна … само кој сака да ја види!?

Знам дека многумина на ист или сличен начин се думаат и за оградана околу Владата односно зошто веднаш не беше урната туку, еве, сега започнува реализацијата на таа иницијатива, или за некои други „бисери“ на македонската градежничка (и не само градежничка) довитливост. И тие нешта се јасни, појасни не можат да бидат, ама кој сака да ги види. Ама нив не ви ги откривам во оваа прилика!

Златко Теодосиевски

Извор ТеодосиевскиУметност