Huawei Mate S е првиот телефон со “Force Touch” технологија

0
344

И официјално, кинескиот производител Huawei го престигна Apple и е првиот во светот со телефон кој ќе има “Force Touch” технологија, односно дисплеј кој ќе препознава со колкав притисок корисникот допира на екранот и според тоа ќе има различни функции и можности.

Huawei има неколку интересни решенија кои ја искористуваат оваа технологија.

matesfront-100611850-large0

Имено, со посилно притискање на долниот дел на дисплејот се активира мултитаскинг менито со последните апликации, додека со цртање на круг околу некоја слика и силно притискање, може лесно да се зумира на дел од неа. И не само тоа – телефонот дури има и дигитална вага, која го користи овој систем за да измери тежина на некој предмет!

Заедно со оваа можност Huawei вградува и Knuckle Sense 2.0 технологија, која според притисокот на допирање може да почувствува дека притискате со зглобчето на прстот.

Вака, дури и кога е исклучен телефонот, може да се активираат многу различни функции, само со пишување на една буква со зглобот. Зошто зглоб? Според Huawei ова е многу поприродно за остварување поголем притисок, отколку силното притискање само со врвот на прстот.

matesback-100611851-orig

Инаку, Mate S е телефон од високата класа, кој има екран со големина од 5,5 инчи и специјално Gorilla Glass 2.5 D стакло, кое има мало закривување на страните.

Резолуцијата е Full HD, но Huawei ветуваат живи бои и високо ниво на контраст. Во внатрешноста бие целосно новиот Kirin 935 процесор на Huawei, кој е еден од најмоќните на пазарот моментално, помогнат од 3 GB рам и 32 GB простор за складирање податоци.

Батеријата има капацитет од 2700 mAh, што се чини како малку за ваков телефон, но од Huawei ветуваат дека ќе трае цел ден со едно полнење.

Камерите имаат 13, односно 8 мегапиксели, додека во задниот дел има и скенер за отпечатоци на прстите, кој е за 100% побрз од претходникот.

Како и секој модел на компанијата и Mate S ќе доаѓа со Android Lollipop 5.1, пресоблечен во специјален EMUI 3.1 скин.

Mate S е целосно изработен од алуминиум, со многу мали пресеци за антените, што е особено нагласено од Huawei, бидејќи истите се помали од оние на iPhone 6 и 6 Plus.

За разлика од другите модели од  најнаселената земја во светот, Huawei Mate S нема да биде евтин телефон. Почетната цена е 649 евра, за моделот со 32 GB простор, односно 50 евра плус за моделот со 64 GB простор.

И лошата вест за на крај, “Force Touch” технологијата ќе биде достапна само со моделот со 128 GB меморија, кој треба да пристигне подоцна годинава, а кој сигурно би чинел уште 50-100 евра повеќе.