HOM-BOT Turbo+ е роботот-чистач за вашиот дом

0
1436

Да не поседувате домашен робот во 2015 година може да ви се прости… некако. Но, да не поседувате домашен робот во 2020 г. нема да ви даде за право да се чудите кога луѓето ве одбегнуваат на улица…

Роботиката веќе длабоко навлегува во нашите домови преку разноразни паметни и „паметни“ уреди кои почнуваат да следат се` што може да се следи и да прават постапки место вас. Една од тие области е роботите-чистачи кои уште денес работат прилично добро без да мора вие да се заморувате со истото. За жал, се` уште се доста глупави и работат на прости алгоритми.

LG е компанија која сака да го промени тоа, а еден од првите чекори е HOM-BOT Turbo+. Се работи за робот-чистач со напредни способности и супертурбо кич име. Покрај стандардните четки и тркала кои му овозможуваат да се движи низ домот на него има и три камери, од кои едната е свртена кон горе. Сите тие се користат за навигација низ просторот користејќи софтвер за препознавање и паметење на истиот.

Роботот има и безбедносни способности. Во случај ако има неочекувано движење низ домот додека не сте таму откриено од неговите сензори или камери тој автоматски ви испраќа фотографии за да видите кој се „шуња“ и дали заслужува повик до 192.

Роботот исто така се поврзува со мобилна апликација која може во реално време да ја пренесува сликата од камерите, а вие дополнително да му покажувате каде да посвети повеќе внимание преку самата апликација со допирање со прстот. Ова значи дека тој може да чисти и да го управувате дури и кога не сте дома.

Нивото на гласнина е околу 60 децибели што знае да стане заморувачко по одредено време, а батеријата ќе му држи работа од 40 минути на едно полнење. Се` на се`, неколку одлични иновации во HOM-BOT Turbo+ кој ќе биде претставен на CES 2016.