ЌЕ СЕ ПРОМЕНИМЕ ЛИ „НАВИСТИНА„ ?

0
1846

Во нашата држава, личниот и професионалниот квалитет единствено може да се дојде до израз само ако се канализира преку политичката опција која сме ја избрале.

Во нашата држава, ниту политичката определба не нуди правичност во можностите на поединците-приврзаници на политичката опција, со личните и професионални квалитети да мине низ филтерот дно/врв, најпрво во партиската хиерархија а подоцна да биде и активен учесник во Опшествените случувања. Од осамостојувањето до денес имавме можност да ја почувствуваме внатрепартиската функционалност на политичките опции, преку нивната манифестација на моќ и нивната идеја за практикување на власта.

Низ практикувањето на оваа власт, во изминатите десет години се уверивме како една политичка опција преку злоупотреба на историската идеолошка матрица на називот и стерилната употреба на терминот „демократија„, си овозможи воспоставување и практикување на двата најлоши можни политички системи, автократија и тоталитаризам.

Тоа, сите нас не натера, да се закопаме длабоко во рововите на сопствениот политички избор, и всушност, додека мнозинството од поддржувачите на власта беа приморани да одработуваат за лажната идеолошка движечка сила на партијата, со цел да си го обезбедат мирот и економската одржливост во сопствениот дом, добар дел од сите останати мораше да бидат ставени на тестот на времето, и да ја измерат сопствената издржливост, во еден таков систем.

Додека поединецот во остатокот од светот, жилаво се спротивставува на празниот желудник и камшикот од сопствената власт, и граба кон подобар живот, ние до крај ќе останевме доследни на сопствената тврдоглавост живеејќи го остатокот од животот под мотото „ удри посилно, за да видам колку можам да издржам„ ако не се соочевме со „вистината„, онаа која толку гласно ни „одзвони„ на сите нас, што не можевме да останеме ниту слепи, ниту пак глуви на очигледното нечовечко егзистирање на режимот.

Истовремено сме сведоци на исклучително ретка појава, која ни покажа, дека одважноста на поединецот да предизвика драстични промени во политичките и опшествени текови, може да создаде расадник на негови следбеници, со заедничка цел за повторно воспоставување на вистинските универзални вредности на демократијата.

Како и да заврши приказната која отпочна пред 10 години, сигурен сум дека иста таква никогаш нема да ни се повтори а од оваа ако ништо друго, научивме едно Гандиево правило, дека „ние поединците, треба да сме промената која сакаме да ја видиме во светот„

Адвокат : Жарко Стеваноски