Гацов : Нема лекови, инсулин и цитостатици, а ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да се зголемат паушалите во одборите

0
2021

ВМРО-ДПМНЕ, преку Владата и министерството за здравство ги укина мерките за штедење во здравството донесени во 2012 година.

Но, тоа нема да се одрази врз набавката на квалитетни лекови, вработување на одредени специјалилсти во болници каде што недостасуваат или пак врз давање пари за неопходно лекување на некое дете во странство за да му се спаси животот.

Укинување на мерките за штедење во здравство, значи зголемување на паушалите и надоместоците на членовите на управни и надзорни одбори, односно богатење на партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

Наместо досегашните 2.000 денари месечно за членови и 4.000 денари за претседатели, сега надоместоците изнeсуваат 10.000 денари за членови, 11.000 денари за потпретседатели и 12.000 за претседатели на управни и надзорни одбори.

Тоа значи дека сега, на грбот на граѓаните се околу 187.500 евра, односно 2 милиони и 250 илјади евра на годишно ниво.

Сето ова се случува во време кога јавното здравство се соочува со колапс поради криминалните политики на Груевски и Тодоров.

Нема соодветни инсулини по градовите, модерните цитостатици кои што спасуваат или продолжуваат животи не се ставени на позитивна листа.

Дијабетичарите не можат да го добијат својот соодветен инсулин, со што сериозно им се загрозува здравјето.

Фалат протези на ортопедија, спиналниот центар воопшто нема материјали за третирање на сколиозите.

Клиниката за анестезија реанимација и интезивно лекување нема доволно машини.

Веќе 6 месеци нема Бе-Се-Же вакцини на Клиниката за гинекологија и акушерство. Родителите се приморани веднаш после излегување од гинекологија да ги носат своите новороденчиња по амбуланти за да ја примат таа вакцина.

Истовремено, секој ден слушаме нови повици за донирање на пари од страна на граѓаните за некое дете или млад човек што е одбиен од Фондот за лекување во странство, за болести кои што се уште не може да се лекуваат во Македонија.

Им порачуваме на Груевски и Тодоров дека за сето ова, казната ќе им биде испорачана на следните фер и демократски избори, кога народот ќе избере нова одговорна влада.

Владата предводена од СДСМ пред се ќе се грижи за здравјето и животот на граѓаните, а не за богатење на партиските послушници.

СДСМ во програмата предвидува укинување на месечните паушали и надоместоци за членовите на управните и надзорните одбори на јавните здравствени установи.

Тие пари ќе се употребат за вистински потреби на пациентите.

По промените, ниту едно дете повеќе нема да остане невакцинирано, и ниту еден дијабетичар без потребниот инсулин!

Дејан Гацов, член на Комисија за здравство на СДСМ