18 години тага и непребол за загинатите прилепски бранители кај Карпалак

0
1379

Со венци и букети свежо цвеќе кои беа положени пред спомен плочата во
касарната „Мирче Ацев“ и во селото Лениште, започна чествувањето на
трагичниот настан кој се случи на 08.08.2001година кај месноста Карпалак на
патот Скопје – Тетово. Почит на загинатите бранители им оддадоа:
градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, советниците во
Советот на Општина Прилеп, претставници од Владата на СРМ, претставници
од Армијата, најблиските од семејствата на загинатите бранители,
претставници од здруженијата на бранителите, повеќе политички партии и
граѓани.

„Бидете горди вие семејствата бидејќи во вас тече крв на патриоти, херои,
титани“, посочи во својот говор потполковник Ѓорѓи Василевски.

„И денеска како и секоја година по 18-ти пат се собравме тука да им оддадеме
почит на нашите прилепски херои, бранители кои бранејќи ја татковината, го
положија својот живот кај Карпалак на ден 08.08.2001 година во 09.30 часот.
Болката останува, сеќавањата се исти како да се од вчера“, посочи Ацо
Јованоски – Реган, возачот на автобусот.

Според претседателот на прилепското здружение „Карпалак“ и учесник во
конфликтот во 2001година, Игор Петрески и по 18 години чувствуваме болка и
огромна загуба.

„Чуствата се тажни, ова е ден кој не е за радост, ден кој го паметиме и
повикуваме да не се повтори никогаш повеќе“, посочи Петрески.
Националниот координатор за прашања поврзани со здружението на
бранители Стојанче Ангелов се потсети на настанот од 2001 посочувајќи дека
токму на тој кобен ден десеттемина прилепчани се јавиле на поканата за
мобилизација и тргнале на фронт.

„Нивната жртва треба особено да се почитува бидејќи во тој период многумина
знаеа да ги одбијат поканите за мобилизација, но овие десетмина херои заедно
со останатите борци ги положија своите животи во одбрана на државата“,
истакна Ангелов.

Делегациите ја посетија и Спомен собата во прилепската касарна, каде што се
изложени фотографии од трагичниот настан. Потоа положија свежи цвеќиња и
пред спомен плочата во село Лениште, а го посетија традиционално и
манастирот „Света Петка“ изграден во годините по убиството, со големи
заложби на преживеаните бранители.

Главното одбележување на 18 годишнината од овој крвав масакр започнува
утре, рано наутро со положување свежи цвеќиња на гробовите на починатите и
посета на месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово. Потоа е
предвидена панихида во цркавата „Св. Петка“ во населбата Точила во чест на
загинатите, а централната манифестација ќе се случи во 13.00 часот пред
споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.