Историското бреме на Заев е да ги штити националните интереси од Груевски

0
1930

Оваа колумна ја објавив на 15 јануари 2014 година. По објавувањето на снимките денеска од Зоран Заев, лидерот на СДСМ а од кои се слуша како Груевски тајно преговарал за името на државата. Токму поради тоа повторно ја реобјавувам колумната во продолжение;

mitko-Jovanov-slika-za-kolumni1

Спорот со Грција е омилената тема на владините медиуми за да ја обвинуваат опозицијата а Груевски да го устоличуваат во чувар на државното име. ВМРО-ДПМНЕ нема јасен став за спорот за името, па упатуваат да сме прочитале во нивната програма. Од 2006 година досега ВМРО-ДПМНЕ има три изборни програми. Во Преродбата од 2006г. пишува; „Ќе ги продолжиме преговорите со Грција во рамките на ООН околку разликите со името, при што зачувувањето на правото на употреба на уставното име согласно со меѓународните принципи, ќе биде основен постулат на стратегијата за преговори“. Обична фраза., ниту референдум пишува, ниту бутур. Референдумот се споменува дури во надградената и проширена „Преродба“ на изборите во 2008г. Во нејзе пишува; „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи какво било решение и каков било компромис за спорот без да се изјаснат граѓаните преку референдум. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи разговорите за наметнатиот спор, со јасно изградени позиции“.

Во Манифестот во 2011г., го пишува истото што и во надградената „Преродба“ од 2008г. Произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ ставот што го имала во 2006г. за спорот со Грција, го менува во 2008г. за граѓаните да се изјаснат на референдум за предлог за име на државата. Менувањето на ставот произлегува од фијаското што го доживеа Груевски на самитот на НАТО во Букурешт во 2008г. Остана нерасчистено за граѓаните, дали Груевски се сложил за промена на името во Букурешт. СДСМ минатата недела јавно запраша: „Дали за Груевски е прифатливо името Горна Република Македонија како што информираше Ахмети недомана?“. Ниту СДСМ ниту јавноста не доби одговор, кои се позициите на ВМРО-ДПМНЕ. Секој би се запрашал; „Па навистина, кој е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, кој би го ставила на референдум???!!!

Ако ставот на ВМРО-ДПМНЕ е Република Македонија ерга омнес, како што рече Ѓ. Иванов-Хорхе- тогаш нема потреба да се изјаснуваме на референдум. Ако им е таков ставот, тогаш зошто не напишале така во изборните програми.Нема полошо од опцијата народот да си го смени името на на државата на референдум со прекар кој претходно ВМРО-ДПМНЕ ќе му го наметне како владејачка партија, а и најпопуларна, според анкетите на „Павел Шатев“, а тоа пак значи гаранција за менување на уставното име на државата. Фактот што Владата не спроведува попис на населението за да утврдиме колку Македонци останавме во државата, е дополнителна опасноста за националните интереси за таа на референдум да ни го менува името на државата.

Груевски е должен на граѓаните да им го соопшти ставот со кој неговата Влада преговара. Тој одржува средби со Нимиц, му пишува писма на Самарас, преку кои го моли да преговараат двајцата во четири очи за името на нашата држава, претходно се среќаваше и со Папандреу.  За да не се открие дека „Царот е гол“, Владата (ВМРО-ДПМНЕ) држи монопол врз преговорите. Ако ВМРО-ДПМНЕ го соопшти ставот, во истиот момент ќе се распадне фасадата зад која вешто се кријат многу незаконски работи, тогаш ќе се разјасни мотивот за „Ск-2014“, секому ќе му станат очигледни лагите за наводната поплава од странски инвестиции, субвенции, роуд шоу-а…. Фасадата веќе е напукната. Да се реши спорот притоа без ризик да се загрозат националните интереси, неопходно е да се создадат основни услови за фер и демократски избори, слобода на медиумите, услови за водење јавна дебата-да се декриминализира државата. Токму затоа, обврска на опозицискиот лидер Заев, покрај решенија за справување со сиромаштијата, иселувањето, задолженоста на државата, негова должност е да ги штити националните интереси токму од Груевски. А за Заев јасно е дека тој и последен да остане, нема да се откаже да ги штити националните интереси.

Токму затоа како опозициски лидер тој има легитимитет но и должност пред граѓаните да ги направи сите напори да дојде до информации за преговорите кои Груевски ги води, посебно од 2008 година навака. Ваквата обврска за Заев е уште поголема бидејќи Груевски целосно ја изолира опозицијата од процесот на преговорите, што е прменогу сомнително, за Заев да биде спокоен. Постои опасност Груевски спасот од губење на власта да го побара во постигнување договор со Грција а со кој може да бидат загрозени националните интереси.

Токму затоа Заев треба 24/7 да бдее над националните интереси на македонскиот народ. Токму такво е историско бреме со кој Заев е натоварен денеска. Да се потсетиме на неговата неодамнешна изјава; „За СДСМ се неприфатливи решенија за промена на јазикот, идентитетот и националната посебност на македонскиот народ“. На крај како одговорни граѓани треба да нагласиме дека опозицијата има право но и должност пред граѓаните, дури и да побара средба и со посредникот Метју Нимиц. Ако треба и со други политичари и државници.

(Колумната е објавена во „Слободен печат“ на 15 јануари 2014 година)

М-р Митко Јованов