ЈОХАНЕС ХАН: ЌЕ ОДАМ НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ ГРАДОВИ СО ЗАЕВ И ЌЕ АГИТИРАМ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ!

0
1475

Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, смета дека решавањето на спорот за името меѓу Атина и Скопје има значење за целиот регион. Тој изјави дека ЕУ мора да ги исполни дадените ветувања, доколку македонските власти ги исполнат потребните услови.

Според него, во моментов постои позитивен тренд во регионот, а причината за тоа е стратегијата за проширување на ЕУ, која отвора перспектива за сите земји.

Хан, во интервју за дневниот виенски весник „Стандард“, вели дека е убеден оти референдумот во Македонија ќе биде поддржан од мнозинството граѓани

Во септември или октомври треба да се одржи референдум, а јас се понудив на лице место да го промовирам решението. Во Македонија имам одреден кредибилитет и сум подготвен да го искористам. Сепак, важно е референдумот да не се меша со други избори бидејќи во спротивно може да биде вовлечен во партиско-политичка битка. Лидерите во земјата, без разлика на која политичка страна се, ми се чини дека признаваат оти успеа нешто кое е од интерес за земјата и целиот регион и тоа е причината зошто јас сум убеден дека референдумот ќе биде поддржан од потребното мнозинство“, објаснува еврокомесарот Хан.

Изјави дека тргнувајќи од тоа што челниците на ЕУ позитивно реагираат на постигнатиот договор, смета дека на Самитот закажан за 28 јуни ќе дадат зелено светло за почеток на пристапните преговори.

„Ваквата основана еуфорија можно е да се преслика и во јули на самитот на НАТО, каде се работи на покана за членство. Ако наесен дел од опозицијата тргне по истиот пат и биде постигнато двотретинско мнозинство за промена на Уставот, врз онова на успешен референдум, грчкиот парламент би можел да го ратификува протоколот за пристапување кон НАТО“, ги објаснува Хан можните понатамошни чекори во процесот.

Запрашан дали е сигурен дека Атина ќе го примени договорот, Хан одговора дека единствено нешто кое е сигурно е смртта.

„Но, договорот на хартија е добро поставен, а и Ципрас е професионален политичар. Договорот е во интерес на граѓаните на Грција и за стабилноста во регионот. Од искреното пријателство меѓу соседите корист може да имаат сите“, смета еврокомесарот.

Тој истакнува дека решението на спорот за името, ја зацврстува положбата на Западен Балкан во заедницата на западни вредности. Запрашан дали е можно за наесен да започнат пристапните преговори со Македонија, Хан, вели дека сега е важно да започнат подготовките за отворањето на поглавјата, односно дека се работи за еден сеопфатен скрининг процес, кој треба да покаже дали постојат услови за отворање на поглавја.

Тој, исто така, изрази уверување дека Албанија, поттикната од македонското решение, ќе биде во можност да ги почне пристапните преговори, бидејќи можностите за реформи се најголеми во текот на преговорите.