Јанева од Брисел порача: Нема да нè обесхрабрат да ја исполниме мисијата што ни е доверена

0
930

И покрај секојдневните предизвици со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство, нема да дозволиме да нè обесхрабрат во одлучноста и во посветеноста да ја исполниме мисијата која ни е доверена, водејќи се од принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите. Ова го кажала специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска во Брисел, на работилница на тема „Зајакнување на отпорноста кон корупцијата и заробувањето на државата во Југоисточна Европа“.

Јанева во својот говор нагласила дека институциите имаат обврска да преземат мерки за да спречат услови во кои индивидуи кои раководејќи се од лични интереси ќе ги злоупотребуваат институционалните капацитети.

Во фокусот на работилницата била размената на искуства во поглед на следење на имплементацијата на механизмите за борба против корупција и напредокот во спроведувањето на антикорупциските политики.

Учесниците размениле искуствата во поглед на проблемите со кои се соочуваат во справувањето со корупцијата, како и значењето од вклучување на граѓанскиот сектор, особено и во насока на реализација на иницијативите за регионална соработка за зајакнување на отпорноста кон корупција.

На работилницата учествуваат високи претставници на Европската комисија, членови на Европскиот парламент, како и претставници на граѓанскиот сектор од регионот и од Европа.

Во рамки на посетата на Брисел, покрај учеството на работилницата, Јанева ќе се сретне и со членови на Европскиот парламент.