Јазиците интегрираат а не разделуваат

0
1188

Македонија е мултиетничко општество. Тоа е факт и не е хендикеп, туку предност, посебно од аспект на историјата низ која поминал Македонски народ.

mitko-Jovanov-slika-za-kolumni1

Во нашето колективно паметење постои долга традиција на градење соживот на Македонците со припадниците од друга етничка заедница. Македонскиот народ борбата за своја држава ја водел заедно со своите комшии, соселани, сограѓани,… од други етнички заедници-Албанци, Власи, Роми, Турци, Срби….

Темелите на мултиетничноста се поставени уште при основањето на Крушевската република, во чии органи на управување биле застапени и другите етнички заедници кои живееле во Крушево-Албанците и Власите.

Грешките во првите години од независноста

Најолемите грешки во градењето на односите со етничките заедници се направени во првите години од осамостојувањето на државата во 1991 година. Тогаш со донесувањето на Уставот, правата на Албанците, како најголема етничка заедница, им беа намалени споредно со Уставот од 1974 година на СФРЈ, истотото беше случај и со другите етнички зеадници.

Сепак тоа беше време на националистичкиот виор кој владееше низ поранешните републики на СФРЈ во кои се водеа крвави војни. Од тоа не бевме ниту ние имуни. Во тој период кај нас големо влијание врз политиките имаше власта на Милошевиќ во Србија.

Национализмот ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски го чинеше губење на власт поради тоа што одбиваше да коалицира со албанската партија ПДП.

После падот на првата и експертска Влада, откако СДСМ ја презема власта и таа имаше ригидни политики во однос на унапредување на образовните, јазични и културни права на Албанците. Таквата политика беа и реакција и на тврдата националистичка политика што ја водеше тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Познати се протестите со глад наспроти Собранието против дозволувањето на Педагошка академија да се студира и на албански јазик. Таквиот реакционерен однос на ВМРО-ДПМНЕ беше апсурден затоа што и тогаш на Албанците им е беше овозможено да се образовуваат на албански јазик во основното образование – токму затоа е апсурдно да не се дозволува идните студенти кои ќе предаваат настава на учениците  албански јазик, да не студираат на тој јазик.

 

Сепак, првиот исчекор го направи Владата на Георгиевски со отварањето на Штуловиот универзитет на албански јазик. Подоцна после 2002 година кога повторно дојде на власт СДСМ,  беше отворен и Тетовскиот државен универзитет на албански јазик.

Во меѓу време се случи и Рамковниот договор како резултат на воениот конфликт во 2001 година.

Со овие унапредувања на правата на Албанците, Турците, Ромите, Србите, ние како Македонски народ не изгубивме, туку добивме како држава. Затоа што достапноста на образованието за граѓаните на својот мајчин јазик, допринесе за поголем број граѓани од другите етнички заедници да се здобијат со високо образование а тоа е од севкупна полза за државата.

Стабилноста на меѓуетничките односи е резултат и на искуствата од 2001 година

а државата е во криза како никогаш во изминатите 25 години а таа е резултат на автократското владеење на власта изминатите девет години. Власта за да се спаси од последиците од нејзиното криминално владеење а кое го обелодени Зоран Заев, лидерот на СДСМ, го разгорува дополнително национализмот а кој постојано го промовира од 2008 година навака.

Повторно се ставаат во прашање унитарноста и стабилноста. Од многу страни доаѓаат најави за планови за поделба. Сепак денеска меѓуетничките односи во Македонија се стабилни како никогаш претходно а тоа е резултат токму и на унапредувањето на образованите и културните права, пристапот до работа во државната администрација итн.

Јазиците интегрираат а не разделуваат

Минатата недела  изјави дека нема против албанскиот јазик да го учат и децата Македонци. Тоа беше повод за владините медиуми и експерти да го етикетираат Заев за предавник и тоа по кој знае кој пат-ништо ново од власта.

Оваа тема е сензитивна и постои потреба да се отвори јавна дебата за да не се злоупотребува за политички цели затоа што и се прави штета на државата.

Имено, во образовниот процес, односно уште од градинка, децата почнуваат да учат странски јазик, најчесто англиски. Подоцна во текот на образованието учениците избираат и втор странски јазик.

За нас Македонците странски јазици се албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот јазик исто како што ни се странски јазици англискиот, францускиот, германскиот, италијанскиот или некој друг-но немаме отпор да ги учиме овие јазици, секако тоа се должи што тие се светски јазици и се полезни секому да познава барем еден или два па и повеќе, ако такви афинитети поседува.

Разликата помеѓу албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот јазик и англискиот, францускиот, германскиот, италијанскиот, е тоа што првите ги зборуваат нашите сограѓани со кои живееме во иста држава и секако ако познаваме барем еден од овие јазици тоа за нас Македонците ќе биде од голема полза, посебно албанскиот а тоа се должи што Албанците се најголема етничка заедница, но не помалку важен е турскиот јазик, затоа што пак тој ќе ни биде полезен и за комуникација со нашите сограѓани Турци но и за деловни, образовни, културни и други комуникации со Турција. Додека пак српскиот јазик за нас е близок и скоро сите го знаат поради тоа што културно сме блиски со Србите исто како и со Бугарија, чиј јазик е истотака за нас близок.

Иако нема грчка етничка заедница во Македонија, сепак многумина зборуваат грчки токму поради деловни причини. Притоа не сакам да го изоставам и ромскиот јазик, за кој пак можеме да се пофалиме како држава дека е воведен во образовниот процес што и наш допринос како држава за развој на овој јазик.

Токму затоа е добро во образовниот процес, како што се внесени странските јазици   англискиот, францускиот, германскиот, италијанскиот и други, истотака да бидат овозможени за учениците да ги учат и албанскиот, турскиот, српскиот, ромскиот јазик……, на факултативно /доброволно, притоа секој ученик да има можност да избере за кој од нив ќе се определи да го изучува.

Со ваквиот приод, државата ќе добие, нема што да изгуби, затоа што ќе се зајакне интеграција во општетсвото а тоа пак води кон развој и стабилност на државата.

М-р Митко Јованов