Јавен повик на ДОМ
за пријавување кандидати за советници и градоначалници
на Локалните избори 2017
ДОМ го објавува овој јавен повик врз основа на чл.47 од Статутот на ДОМ, на одлуката на Централниот одбор на ДОМ од 24.12.2016 г.за начин и критериуми за кандидирање, како и на одлуката на Конгресот на ДОМ од 2014 г. за самостоен настап на Локалните избори 2017 што треба да се одржат за четири месеци. Ова е во духот на зелените вредности за отвореност и транспарентност кон партиските членови и кон сите граѓани што сакаат да придонесат во борбата за поквалитетно живеење во своите средини, зашто ИМАМЕ ПРАВО НА ЗДРАВ ЖИВОТ!
ДОМ ги повикува општинските организации на ДОМ, членовите и симпатизерите на ДОМ, како и сите заинтересирани граѓани и активисти на планот на зелените политики, да се пријават за изразување интерес за кандидирање за советници и градоначалници за Локалните избори 2017.
Од заинтересираните кандидати се очекува да ги исполнат следниве критериуми:
– да ги споделуваат вредностите на зелената идеологија;
– да ги прифаќаат програмските определби на ДОМ;
– да бидат личности со интегритет, почитувани во својата средина.
При изборот на соодветни кандидати ќе се вреднува и:
– придонесот за развој на зелената идеја преку ДОМ;
– придонесот за развој на зелената идеја преку граѓански активизам;
– програмата за делување на локално ниво со приоритети;
– стручниот профил и разбирање на политичките процеси;
– личниот рејтинг и влијание во единицата на локална самоуправа;
– елоквентноста и способноста за јавен настап и комуникација.
При конечниот избор ќе се води сметка за родовиот баланс и за застапеноста на различни возрасни групи, со акцент на младите.
Заинтересираните кандидати може да се пријават во седиштето на ДОМ во Скопје, на ул. Н. Вапцаров бр.18/1, или на мејл адресата [email protected] во писмена форма со: мотивациско писмо, приложено CV и програма за делување на локално ниво (нотирани проблеми со предлог-решенија). Контакт телефони: 02 5 112 900; 078 404 165; 076 311 601. Рокот за пријавување е 31 јануари 2017 година.
Демократска обнова на Македонија – ДОМ