Раководното лице во Министерството за култура и уште еден осомничен во случајот „Тендери“ досега не се појавија на распит во Кривичниот суд иако Специјалното јавно обвинителство уште во четвртокот минатата недела, побара од судот да им ги одземе пасошите и да им наложи еднаш неделно да се јавуваат кај службено лице.
Неизвесно останува дали двајцата осомничени и денеска ќе дојдат на распит во судот. Од Кривичниот суд засега не можат да кажат дали судијата на претходна постапка им ги доставил на осомничените поканите за распит.
Инаку, според членот 294 од Законот за кривична постапка, по донесувањето наредба за спроведување истражна постапка, судијата на претходна постапка е должен без одложување да го разгледа предлогот за мерки за обезбедување присуство и веднаш да одлучи по него.
Кривичниот суд во петокот соопшти дека го добил барањето на СЈО и дека судијата на претходна постапка „треба да ги повика лицата за кои се однесува предлогот за да се произнесат во врска со него“.
Извор: Мета