ШОКАНТНО: Аналитичарот Суад Мисини – Мојата проценка е дека Груевски и Мијалков се веќе милијардери и поседуваат околу 40% од македонската економија, значи фирми, банки, ланци на маркети, рудници, бензиски пумпи, медиуми, земја, хотели, ресторани и дискотеки, згради и мади!

0
4073

Политичкиот аналитичар Суад Мисини во своето интервју за интернет порталот Мактел изнесе шокантни и зачудувачки проценки за премиерот Никола Груевски и неговиот братучед и директор на ДБК Сашо Мијалков. Според аналитичарот Суад Мисини двајцата братучеди се веќе милијардери кој поседуваат околу 40% од македонската економија, фирми, банки, ланци за маркети, рудници, бензиски пумпи, медиуми, земјишта, ресторани, дискотеки, згради и друго! Во прилог ви го пренесуваме целосното интервју на аналитичарот Суад Мисини за порталот Мактел :

suad-misini

Мактел: Како биле наплатени парите од провизијата од Кинезите, на кои сметки?

Суад Мисини: Постојат најмалку два начини: едниот е да биле исплатени на фирма во Македонија, по било кој основ… На пример: истражување на пазарот, маркетинг, консултантски услуги итн. Потоа тие пари на истиот начин можат да се ретрансферираат по други фирми, за да им се загуби трагата. Така беше, на пример, случајот со акциите на Фершпед, кои беа предмет на контроверзно преземање и кои целата мината година се шетаа преку дузина фирми, за да им се загуби трагата и на крај да стасаат таму каде што завршија. Тие “кинески” пари можеле да бидат трансферирари и во домашна фирма која е во сопственост на офшор фирма и потоа на најлегален начин да се одлеат на некои острови како оданочена добивка.

Вториот начин е да биле трансферирани од странска сметка директно на странска фирма, веројатно во некој офшор простор. Тоа не е непозната пракса исто така – како што тоа се има случено пред едни локални избори во земјава. Веројатно има и други начини и ако го отпишеме начинот на исплата во кеш, кој е за мене најмалку веројатен, горепосочените начини се оние кои вообичаено ги користи екипата која во моментов управува со земјава. Но сето ова не исклучува дека постојат и други начини.

Мактел: Како биле тие пари оправдани во кинеската фирма?

Суад Мисини: Едноставно – треба само да бидат подготвени да платат на “легален” начин износ кој тие всушност не го даваат, туку ги плаќа оној на кој се исплаќа провизијата, т.е. на оној кој може да овозможи трансфер од буџетот кон фирмата-изведувач. Значи, прво се договара износот на договорот за проектот, а потоа провизијата се “вградува” – како што тоа го слушаме во објавените снимки, во првично испреговараниот износ. Веројатно за тој износ во договорот се вградува нова буџетска линија која може да биде фиктивна. Потоа вкупниот износ станува официјалниот износ на договорот за финансирање на проектот. Така, “вградениот” износ се исплатува според буџетската линија која е најчесто фиктивна. Но, сметковотствено, и услугата и исплатата се покриени.

Ваквите финансиски бравури се прецизно објаснети во извештаи на ОЕЦД (организација за економска соработка и развој), на Светската Банка, но и на кредибилни бугарски невладини организации кои имаат документирано безброј бугарски функционери фатени ин флагранти во криминал и корупција. Ова што се случува кај нас, од офшор компании, преку најразлично перење и валкање на пари, па до трансформација на суми во градежно земјиште и тн, е обично копирање на процесите кои се случувале во Бугарија. Ништо ново.

Мактел: Кој бил интересот на кинескиве директори?

Суад Мисини:  Па, очигледно, за да се добие проектот, кој и инаку е поскап од вообичаеното. Од снимките можеме да разбереме дека ова не им било прв пат, како и тоа дека втората фирма се исфрла од игра. Понатаму, од објавените информации во светски медиуми, фирмата веќе е позната во светот по “креативно” договарање за добивање проекти, заради што истата не се препорачува од страна на Светска Банка и други контрактори, односно е ставена на листа на фирми со кои не треба да се работи. Повторувам, Кинезите не ја плаќаат провизијата од џеб, туку тоа се пари кои се селат од македонскиот буџет до кинеската фирма – на еден или друг начин – , а потоа се селат на приватна сметка на наши владини функционери.

Мактел: Како биле тие пари потоа вратени ако се вратени во Македонија?

Суад Мисини: Како што веќе реков, можно е да се исплатени во Македонија, но сосема можно е и да се исплатени и надвор, од странската фирма. Но најважното тука е дека е исклучително лесно е да се најде трагата на парите. Во земјава има институции кои можат да го направат тоа, особено во соработка со кинески институции, во рамки на формална процедура. За жал, финансиската полиција и управата за финансиско разузнавање (поранешна управа за спрецување перење пари и финансирање тероризам, со која директоруваше Ване Цветанов) се институции кои се поставени директно под капата на министерството за финансии, што значи дека во скоро време не може да се очекува постапка од нив. Но тоа не значи дека овие две институции во некој друг период нема да бидат во ситуација да понудат разврска на овој случај.

Инаку, постојат безброј начини парите да се изнесуваат и враќаат. Сетете се само како сопственикот на Орка Холдинг го продаде сопственото акционерско друштво на самиот себе, преку директен трансфер за смешни 220 илјади евра, преку берза, при што фирма од Лугано формално за џабал’к, што би се рекло, стана сопственик на милионски вредната Орка Холдинг, за што беше пишувано и детално објаснето во дневниот печат уште во 2007-ма година.

Мактел: Во тие банките во Белизе и Кариби нели треба да се објасни како стигаат пари на сметки или само се плаќа данок и толку?

Суад Мисини: Тоа е најлесниот дел од приказната. Доволно е да се има договор, фактура или слично, и толку. Данокот е екстремно низок, а анонимноста загарантирана. Сепак, треба да се знае дека во дел од овие даночни раеви, особено во Европа, пристапот до податоци е сосема отворен во случај на покрената кривична постапка, такашто никој не треба да верува дека е апсолутно “покриен”. Една слободна и демократска држава може сосема легитимно да расчисти вакви случаеви, па дури и да блокира и конфискува нелегално стекнати сретства.

Мактел: Твоја процена ако се одело со овие проценти колку пари досега се стекнати по овој и слични основи за овие 9 години власт на ДПМНЕ?

Суад Мисини: Тоа само екипата што сега управува со Македонија може да го знае. Она што мене ми е јасно е дека за проекти од ваков тип, како и оние што одат на тендер, концесија и слицно, 5% треба да е најмалата провизија. Во други проекти се оди и повеќе. Второ, во проекти кои ги управува владата, како Скопје 2014, на пример провизијата е огромна, незамислива. Непресметлива за надворешни набљудуваци. И трето, она што можеме да го слушнеме на објавените снимки, а го знаеме и од порано, провизиите во 99.99% случаи се наплакјаат однапред, кога се работи за пари, нормално. Недвижен имот, удели, акции и тн можат и во друг, соодветен момент, да бидат “наплатени”.

Конечно, сретства се стекнувани и надвор од ваков тип проекти… Со насилство, уцени, насилно преземање, потценување на вредноста на фирми и акционерски друштва и тн. Мојата проценка е дека оваа екупа управува со најмалку 40% од бдп-то на државата, со акцент дека оваа проценка е и прилично оптимистичка.

(Сторијата е интервју со аналитичарот Суад Мисини, текстот е објавен без интервенции, додека насловот е уреднички и е парафраза на кажаното на господинот Суад Мисини во интервјуто, но не е цитат и не е нешто кое е кажано од господинот Мисини, туку е креација на Мактел со цел подобро презентирање на интервјуто пред интернет јавноста)