Шилегов: Лагата мора да продолжи, затоа што едноставно не знаат поинаку

0
1142

Почитувани пријатели и оние кои тоа не сте. Речиси секојдневно, имам кратки статуси. Најчесто со сарказам се обидувам да ја коментирам глупоста. Затоа што мислам дека сарказмот е најдобриот начин да се прикаже апсурдот на глупоста. Особено политичката. А неа (глупоста), за жал, владетеливе ни наши, ни ја сервираат секојдневно. Во огромни количини.

Нејсе. Одлучив малку да сменам и да се обидам да дадам некои свои размислувања за нашето политичко секојдневие. Со нив можете и не морате да се сложувате. Можете и не морате да ги подржувате. Можете и не морате да ги критикувате.

Тоа е, да не заборавиме, убавината на демократијата. (Вулгарностите и пцовките, како редовен декор на коментари на определени “лица” и структури, политичките етикети и слични памфлети, не ги бројам во критика. За нив велам: секој со својот ум. На кого колку му дал господ, што се вели).

Ова, секако нема да значи дека статуси “од оние кратките” ќе нема. Напротив. Ќе ги има. Се’ додека ја има политичката глупост на ДПМНЕ-то. Но тие, одвреме на време, ќе бидат збогатени со по некое вакво размислување како што следи:

Во текот на вчерашниот ден, двајца високи функционери на ДПМНЕ-то (Тодоров и Милошоски), пред јавноста се обидоа да дадат искривена слика за тоа каква е во моментов политичката состојба и наводната вина на СДСМ за застојот во преговорите.

Многу пати до сега е елаборирано дека единствените виновници за немањето (или кршењето) на политичкиот договор се токму ДПМНЕ и Груевски (додуше, од време на време помогнати од првиот им братучед ДУИ). И тоа не само од страна на СДСМ, туку и од сите релевантни фактори вклучени во преговорите (сетете се само на прес конференцијата на амбасадорите пред владата).

Оваа потреба на ДПМНЕ-то пред јавноста да создава искривена слика за тоа кој е виновен што нема договор и што досега не се одржани избори и надмината кризата, е од две прозаични причини:

1. Пред своето членство и симпатизери да остави слика на непопустливост.

Тука, членови и симпатизери на ДПМНЕ-то, Ве повикувам да се сетите на сите изјави на Груевски поврзани со кризата во Македонија. Ја нема/ја има криза, ја нема/ја има избори, ја нема/ја има оставки, ја не се/ја се повлекувам од премиер … Човекот, едноставно се загуби по патот. За “бетоните” нема ништо да споменам. Ќе мислите дека ете, намерно си игра мајтап и иритира. Затоа, за “бетоните” ни збор.

2. Кај просечниот македонски граѓанин треба да се создаде слика дека “се сите исти”.

Свесни за сопствената, не само политичка, туку и криминална компромитиранист и вина, оваа групација (намерно не велам злосторничко здружение за да не иритирам) од луѓе, одлучи да на јавноста целиот процес “и го извади низ нос” со цел да ја релативизира токму сопствената вина. На луѓето треба да им се смачи од кризата, да им се смачи од политиката и политичарите. И тоа со едноставен принцип (научиле по нешто од грците). Кога нема проблем, создади го и потоа разговарај за неговото решение. До бескрај. На сите да им се смачи.

Последен е примерот со МВР. Во отсуство на опозицијата, во скратена постапка изменија два закони. Со измените на законите, се одземаат ингеренциите на министерот за внатрешни, со цел, во техничката влада, истиот да има “врзани раце”. И сега две недели се разговара за тоа. За да им се смачи на граѓаните.

При тоа, Никола Тодоров “ладно” соопштува дека тоа се прави за да не дошло повторно до “партизација на МВР и разрешување на преку 400 луѓе во МВР”.

Класична лага. Лага и ништо повеќе од тоа. Јавно ги повикувам и Тодоров и Чавков, да ги покажат 400-те решенија со кои Спасовски разрешил вработени во МВР и на нивно место именувал други. Еве нека ги покажат. Ги нема. Тоа им е проблемот.

Е токму заради ваквата лага, не сме сите исти во политиката. Целосното владеење на Груевски и ДПМНЕ-то, не е ништо освен една голема лага. Мотивите за таквото лажење ?

Едноставни. Криминални.

А дојдено е времето да се одговара. За се’ што е сторено.

Затоа лагата мора да продолжи. Затоа што едноставно не знаат поинаку. А знаат, многу добро знаат, колку пати излажале за да направат (сокријат) криминал.

И сега, нормално друг е крив. Лажи. Ќе им се смачи на луѓето. Лажи. Можеби ќе заборават што сме правеле. Лажи. Ќе поминеме уште некој ден на слобода. Лажи. Чадорот е крив. Лажи. Опозицијата е деструктивна. Лажи, лажи, лажи …

Затоа господа, ако навистина верувате во својата политичка надмоќ, ако навистина верувате во својата победа (која, патем кажано не ослободува од вина, но за тоа друг пат), се’ што треба да направите е да престанете да го комплицирате процесот.

А потоа ќе се видиме на избори. Ама не онакви какви што вие го “организирате”. На слободни, фер и демократски избори. Како цел нормален свет. Таквите избори, дел од Вас веројатно нема да ги дочекаат на слобода, ама тоа се последици од Вашиот “минат труд”. На таквите избори (тоа добро го знаете) ќе бидете поразени.

Дотогаш, слободно продолжете со лагата. Си ги кратите нозете. Ради поговорката де …

Петре Шилегов
фејсбук статус