Шега е да се оди на избори со нула реформи

0
995

Највидлива разлика што сум ја забележал во оваа земја е климата на стравот. Со кого и да разговараш, каде и да отидеш, луѓето се уплашени. Не сум видел такво нешто претходно во ниту една од другите земји од регионот, вели белгискиот посредник Питер Ванхауте, во интервју за новиот портал Слободна Македонија.

– Причината за ова, очевидно, е тоа што една партија успеала да ја зароби државата, претпочитајќи авторитарен начин на владеење. Тие контролираат се – секој ќош во општеството е контролиран од нив. Тоа е она што го нарекуваме авторитарен режим. Тоа, според мене, е најголемата разлика во споредба со која и да е друга земја од регионот. И тоа е многу, многу лошо – вели Ванхауте.

Тој истакнува дека земјава во овој момент не е спремна за никакви избори.

– Нормално е, во една конфликтна ситуација, прво да ги решите проблемите, реалните проблеми, а потоа да се договарате за тоа кога да се организираат избори. Овде се прави сосем обратното. Од сите препораки во Ургентните реформски приоритети и извештајот на Прибе, досега не е постигнато ништо. Има нула постигнувања! И да се оди така на избори е шега. Не треба да го правите тоа – вели Ванхауте.