Шаќири од Здравствен инспекторат: Забраната за Дојранско Езеро ја донесовме по важечката регулатива

0
933

Ние постапуваме и донесовме решение за забрана (за капење на четири плажи во Дојранското езеро) по важечката регулатива и Правилник за површински води, а врз основа на наодите на лабораториите кои се надлежни да ја контролираат епидемиолошката состојба, односно површинските води, вели за МКД.мк д-р Џевдет Шаќири, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Ова Шаќири го изјави откако министерот за здравство Никола Тодоров, повикувајќи се европски директиви за квалитет на води, вчера рече дека водата во Дојранско езеро е исправна за капење и не предизвикува опасност по здравјето на луѓето.

Од друга страна, д-р Шаќири вели дека работат и донесуваат решенија врз основа на постојните, важечки правила за води, кои покажааа неисправност дека на четири места водата е од трет степен и е небезбедна за капење. Анализите беа направени во лобораторија од Центарот за јавно здравје – Велес, нивното подрачно одделение Охрид. И тие, вели Шаќири, исто така работеле по таа регулатива.

„Значи, врз основа на неа подрачните одделенија (на Институтот за јавно здравје) вршат испитувања, наоди и ја категоризираа водата. А, врз основа на таа категоризација, по тој закон, ние го издадовме решението за забрана. Тоа се уште важи“, објаснува директорот на Инспекторатот.