Човек како Ферид Мухиќ, со таква ерудиција и елоквенција може само да го збогати парламентарниот живот, окупиран од аналфабети

0
1734

Ете, ќе ми се исполни желбата Ферид да биде во парламетнот, тоа јас прв му го „пророкував“ со мојата независна листа. Човек со таква ерудиција и елоквенција може само да го збогати парламентарниот живот, окупиран од аналфабети. Мора да признаам дека неговиот став за абортусот ми е поблизок од левичарскиот – абортусот е убиство, зашто секое претворање на нешто живо во нешто неживо (фетусот) е убиство, но не треба да се забранува или казнува, зашто главниот сторител (мајката, лекарите се само стручни извршители) е најмногу казнета и најмногу страда од чинот на кој од разни причини била принудена. Затоа забранувањето е бесмислено.

Ферид ми е поблизок од левицата по духовните прашања – атеизмот ми е туѓ, колку и догматските религии. Повеќе сакам да разговарам со префинет муслиман отколку со банален атеист.

Како уверен пацифист јас би сакал и боксот да биде забранет, како што се забранети борбите со кучиња, но морам да признам дека овој негов пристап барем не е лицемерен, и онака е витешки и поетски. Не му личи на филозоф да негува „енџио“ пристап кон темите, оти тоа и него би го стеризирало.

Сум видел борби со кучиња, и драго ми е што се забранети, но сум го гледал и извонредниот документаец Brothers in blood – The Mapogo lions, на National geography и мислам дека сфаќам што му е поентата – природата е прекомплексна за да и се суперпонира евтин малограѓански морал. (Кому му „стиска“ нека го погледне на Јутјуб за да сфати „што значи да се биде лав“, или, аналогно, „што значи да се биде шарпланинец“.)

Ако би смеел да му дадам еден совет на мојот драг професор, во политичката сфера изгледа нема место за нијансирање, зашто се што ќе кажеш папагалите ќе го искористат против тебе, па затоа најдобро би му било работите да ги поставува на американски начин, црно-бело. И да носи бел каубојски шешир, знам дека го има, за да не се збунат нашиве „американци“. Му посакувам да стане пратеник и да не ме разочара.

Фејсбук статус на Жарко Јорданоски