ЧЛЕН НА ВМРО-ДПМНЕ ДО МИЦКОСКИ: ВЕРУВАМ СЕУШТЕ ВО ТЕБЕ, ЌЕ ПОВИКАШ ДА ИЗЛЕЗАТ СИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ИЛИ САКАШ ДА СМЕ РУСКА РЕПУБЛИКА?

0
2696

Марјан Јованов Мане од ВМРО-ДПМНЕ со порака до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со кого разговарал и телефонски за да му каже дека еден е изборот пред одлуката во недела – да се излезе и да се гласа на референдумот.

Почитуван Христијан,

Пред сè ти благодарам и многу го ценам што и покрај огромните обврски најде време вчера да ме побараш телефонски, па и искажа желба да се видиме веднаш по настанот во Ѓорче Петров, тоа многу ми кажува за твојата личност иако лично не се познаваме. Моето барање за што побрза средба е да го искажам моето мислење за претстојниот референдум, за кој сметам дека најкасно до понеделник партијата на која сум член од 1991 год. мора да заземе јасен став и да го повика своето членство на што поголема масовност да заокружи согласно ставот на партијата.

Верувам во тебе дека како лидер ја разбираш твојата одговорност и ќе можеш да го направиш тој исчекор во интерес на партијата и државата, бидејќи ценам дека си совесен и не си се нафатил на оваа одговорна функција за да бидеш времен случаен лидер. Овој референдум е историски најважен. И ние како партија први изјавувавме дека за името на Македонија ќе инсистираме на референдум. А, сега скришно по општински се работи на бојкот. Не велам дека договорот е идеален, нè боли сите, но исчекор мора да се направи.

Сите лидери и Бранко и Љубчо и Никола и Зоран имале и добри и лоши потези. Ова по мене е прагматичен договор зад кој застана целата меѓународна заедница. Во партијата врие, поделена е максимално, се вршат притисоци, најголем број наши интелектуалци отворено се против твојот став, и тие околу тебе што мислиш дека го подржуваат бојкотот, поголем дел мислат спротивно.

Пратениците се уценети, ама и тие дигаат глава. Од тебе ко лидер, тебе ти се падна улогата да ја донесеш судбоносната одлука дали ќе опстанеме и како партија и како држава! Отворено нашите те прашуваат, па нека ни каже алтернатива, што решил, ќе бидеме уште една руска република или има друг некој избор. Нека се изјасни.

Нашето членство е војска која чека јасен знак од лидерот, нашиот намачен народ кој до вечер работи да прехрани семејство не може и не треба пред кооператива да тумачи што си сакал да кажеш. И секој граѓанин на Македонија има и право и обврска задолжително да се изјасни на овој референдум за својата иднина и иднината на своето поколение и својата држава!

И ти како лидер ја имаш таа обврска јасно и гласно да повикаш до последен сите да излезат и да се изјаснат по свое убедување или по насоката од партијата на која и припаѓаат. Јас сеуште силно верувам дека ќе се одважиш и ќе го направиш тој најбитен исчекор и за партијата и за државата.

Со почит, голем поздрав,

Марјан Јованов Мане
Директор на ДТИРЗ и ДЗРННД од 2006-2011 од страна на ВМРО-ДПМНЕ.